Поради фактот што нашата репрезентација беше во петтиот шешир, се очекуваше дека ќе добиеме некоја од големите фудбалски селекции на континентот. Добивме две, четирикратниот светски првак Италија кој за прв пат доаѓа во Скопје и силната Шпанија со која на 8 септември годинава ќе играме квалификациски меч за ЕП 2016. Прв пат во квалификации се паднавме и со нашиот сосед Албанија.
На церемонијата во замокот Константиновски во Санкт Петерсрбург, ждрепката ја влечеа Бразилецот Роналдо (38), Самуел Ето, Оливер Бироф, Алексеј Смертин, Фабио Канаваро и Предраг Рајковиќ, а наши претставници беа селекторот Љубинко Друловиќ и менаџерот на А репрезентацијата на Македонија, Саша Ќириќ.
Во УЕФА зоната за пласман на СП 2018 ќе се борат 52 репрезентации. На Светско директно ќе се пласираат девет победници на групите, а бараж ќе играат второпласираните екипи. Квалификациите ќе започнат на 4. септември 2016-та година а ќе завршат на 14. ноември 2017-та. Веднаш по завршувањето на квалификациите, осум второпласирани ќе играат бараж од кој пласман на СП ќе обезбедат четири селекции.
На Мундијалот во Русија ќе играат 13 европски репрезентции. Африка ќе даде пет учесници, а зависно од исходот на квалификациите, три учесници во Русија ќе дојдат од КОНКАКАФ зоната (Централна и Северна Америка и Кариби). Азија и Јужна Америка ќе дадат четири или пет учесници. Победникот на зоната Океанија ќе има шанса да избори место на завршниот турнир преку баражот со петтопласираниот од Јужна Америка.
Група А: Холандија, Франција, Шведска, Бугарија, Белорусија, Луксембург.
Група Б: Португалија, Швајцарија, Унгарија, Летонија, Фарски Острови, Андора.
Група Ц: Германија, Чешка Република, Северна Ирска, Норвешка, Азербејџан, Сан Марино.
Група Д: Велс, Австрија, Србија, Р. Ирска, Молдавија, Грузија.
Група Е: Романија, Данска, Полска, Црна Гора, Ерменија, Казахстан.
Група Ф: Англија, Словачка, Шкотска, Словенија, Литванија, Малта.
Група Г: Шпанија, Италија, Албанија, Израел, МАКЕДОНИЈА, Лихтенштајн.
Група Х: Белгија, БиХ, Грција, Естонија, Кипар.
Група И: Хрватска, Исланд, Украина,Турција, Финска.