Флитвуд Таун во мај 2012. година го продаде Џејми Варди во Лестер за 1 милион фунти. Во клаузулата од договорот стоело дека тогашниот нисколигаш треба да добие и процент од следниот трансфер на напаѓачот.
Арсенал нуди околу 20 милиони за репрезентативецот на Англија а тоа значи дека доколку Лестер прифати и Варди се согласи, Флитвуд ќе заработи за нив неверојатни 6,8 милиони фунти.
„Тоа е капка во океанот да бидам искрен. Луѓето мислат дека ќе ни се смени животот и дека ќе трошиме цел куп пари - но грешат. Фудбалот е скап бизнис и ова е само бензин да го натанкираме тенкот. Финансиски е секако голема инјекција, но не е ниту прва ниту последна. Ова се вика фудбалска среќа. Не е нешто за што сме планирале, не е во нашиот буџет, така што половина од сумата би отишла на новите игралишта кои ги градиме, на пример. Не решаваме животно прашање и дали Флитвуд ќе постои или не“, изјави јасно претседателот на клубот, Енди Пилеј.
По настапите во аматерските Стокбриџ Парк Стилс во родниот Шефилд, па потоа во полу-професионалните Халифакс Таун и Флитвуд, Варди (29) направи неверојатна транзиција во Премиер лигата.
Напаѓачот му помогна на Лестер да влезе од Чемпионшип во Премиер лигата во 2014-та, а сезонава даде 24 гола на 36 натпревари и беше најзаслужен за титулата. Тој веќе постигна и три гола на осум настапи за англиската репрезентација и се наоѓа во составот за ЕП 2016.
„Инсистиравме на таква клаузула, затоа што знаевме дека Џејми има шанса да заигра во Премиер лигата и тоа добро. Не е невообичаена клаузула, тоа го прави секој клуб па дури и помалите. Ако Џејми отиде во Арсенал, Халифакс Таун од кого ние го купивме значајно ќе профитира од трансферот. Така одат работите“, заклучува првиот човек на Флитвуд Таун.