По четврти пат од 1992. година, Челси е прв на табелата пред големиот христијански празник Божиќ, кој католиците го празнуваат задутре, на 25. декември. Головите на Џон Тери и Цеск Фабрегас вчера беа доволни Челси да го победи Стоук на гости и да ја одржи предноста од 3 бода во однос на Манчестер Сити.
На тој начин, Жозе Мурињо по осми пат во својата кариера е лидер во првенствата каде бил тренер, за време на Божиќ. Два пати од тие осум, Мурињо ја освои титулата со Челси, во 2005-та и 2006-та година. Сините ја освоија титулата и во сезоната 2009/2010, кога со Карло Анчелоти беа први и за Божиќ и на крајот на сезоната. Веднаш по вчерашниот триумф над Стоук, Мурињо изјави дека минатото нема никаква врска со борбата за титулата на Челси сезонава.
„Не верувам дека многу значи тоа како било во минатото. Сезонава е многу тешка. Според мене, денес сме први на табелата, затоа што сме први. Периодов го почнуваме со страшно тежок распоред, три гостински средби и Вест Хем кој игра одлично, на домашен терен“, изјави Мурињо.
Во 22-годишната историја на Премиер лигата во нов формат, досега 10 пати титулата ја освојувал тимот што бил прв за време на божиќните празници. Но дури седум од нив се случиле во последната деценија, што им дава надеж на навивачите на Челси, дека нивната екипа ќе може да ја повтори историјата.
Лани, Ливерпул ова време беше прв со два бода предност во однос на второпласираниот, но на крајот не стигна до толку посакуваниот трофеј. Најлошо продолжение од сезоната играла Астон Вила во сезоната 1998/1999, кога за Божиќ биле први, а сезоната ја завршиле на шестото место на табелата по само 2 победи на 15 средби. Последната титула под водство на Сер Алекс Фергусон, Манчестер Јунајтед ја освои во 2012/2013, сезона кога пред Новата година беа први во лигата.
Со само еден пораз сезонава во ПЛ, Челси игра слично како пред 5 години кога го крена пехарот. Следниот натпревар, Челси го игра во петок на Боксинг Деј против Вест Хем, четвртата екипа на табелата.