Русија и Катар без Светско првенство, aко се докаже корупција

Шефот на одделот за ревизија и согласност при ФИФА, Доменико Скала изјави дека постои веројатност на Русија и Катар да им биде одземено правото за организација на Светско првенство во 2018 и 2022, доколку се докаже дека имало мито и корупција при гласањето.

Секретарот за надворешна политика на Велика Британија, Филип Хамонд изјави дека тој лично го поддржува Мундијалот во Катар 2022 година, но додаде дека Британија би можела со некоја друга земја да ја преземе организацијата на првенството, во случај на Катар да му се одземе правото на домаќинство.

„Ако некоја друга земја ја добие организацијата, ние сме спремни да помогнеме и да бидеме поддршка", изјави Филип Хамонд за радиото на БиБиСи и додаде дека последниот збор го има ФИФА.

Вчера се огласи и човекот кој го надгледува процесот на реформите во ФИФА во актуелната криза. Во интервју за швајцарскиот весник Зонстагс Цајтунг, Доменико Скала изјави дека Катар и Русија не може да сметаат на дозвола за организација, доколку имало мито при гласањето.
„Ако доказите покажат дека Русија и Катар ги добиле домаќинствата благодарение на купени гласови, тогаш организацијата ќе им биде одземена“, констатираше Скала.
Доменико Скала додаде уште и дека Русија и Катар негирале било каков поткуп на гласови и дека не се дел од истрагата која ја започна ФБИ минатата недела против раководни луѓе во ФИФА.


Во меѓувреме истрагата на ФБИ докажа дека Џек Ворнер, потпретседателот на ФИФА заедно со уште неколку соработници земал мито во висина од 10 милиони долари од Јужна Африка, за да ѝ се додели на оваа земја организацијата на СП во 2010. година. ЈТА Супермаркетс, најголемиот ланец на маркети во Тринидад и Тобаго е во сопственост токму на Џек Ворнер (72), кој на име на оваа компанија префрлил 4,8 милиони долари.

8 јуни 2015 - 10:37