Ако нема каталонски, ќе има шкотски знамиња

Барселона која што во недела во Мадрид ќе игра во финалето на Копа дел Реј против Севиља, ја поздрави одлуката на судот во Мадрид да ја поништи владината одлука со која се забранува истакнување каталонски знамиња, но од Мадрид најавуваат нови мерки.

Финалето на шпанскиот Куп на Кралот од година во година носи сериозни политички дебати на Пиринеите. На финалето меѓу Барселона и Атлетик Билбао (3:1) одиграно лани, незапамтено гласно се исвирка шпанската химна и присутниот Крал Фелипе VI.
 
На Камп Ноу тогаш преку 80.000 гледачи (што Каталонци што Баскијци) го исвиркаа интонирањето на химната. Реал Мадрид претходно одби домаќинство на финалето на Сантијаго Бернабеу.
 
Годинава повторно настана проблем околу финалето кое е предвидено да се игра на Висенте Калдерон, стадионот на Атлетико Мадрид.
 
Шпанската влада пред неколку дена донесе забрана за истакнување на знамиња кои ја величаат каталонската независност. Барселона се жалеше на судот во Мадрид и заедно со здружението на адвокати ја урнаа владината одлука. Забраната на знамето Естелада кое што ја симболизира поддршката за Каталонската независност од Шпанија е напад на слободата на изразување, сметаат Каталонците.

Знамињата на независна Каталонија се редовна појава на домашните мечеви на Барселона во последните години, како израз на сепаратистичките идеи на северо-источниот регион. Барса беше казнета од УЕФА поради про-сепаратистички скандирања и знамиња за време на средбите од Лигата на шампионите.
 
Забраната на шпанската влада отвори силна дебата и беше жестоко критикувана од политичарите од Каталонија и Барселона, како главен град на регионот. Заговорникот на каталонската независност, Карлес Пуигдемонт изјави дека ќе го гледа финалето по одлуката на Судот во Мадрид да се дозволат знамиња.
 
Најрадикалните Каталонци најавуваат дека ако им забранат да ги внесат нивните знамиња, како алтернатива на Калдерон ќе внесат 10.000 шкотски знамиња алудирајќи на борбата за независност на Шкотска. Барса ќе се обиде да го одбрани трофејот во Купот освоен лани, а Севиља влегува мотивирана по третиот пехар по ред освоен во Лига Европа. Мечот се игра од 21:30 во недела.