Безбедносните пропусти за време на финалето на Купот на Франција минатиот викенд ќе бидат решени пред почетокот на ЕП 2016 кое почнува на 10. јуни, соопшти владата на Франција.
Едномесечното Европско првенство ширум Франција ќе биде под засилени безбедносни мерки поради терористичките напади минатиот ноември кога загинаа 130 луѓе во Париз, од кои некои во близина на Стад де Франс.
Саботниот меч меѓу вечните ривали ПСЖ и Олимпик Марсеј (4:2) беше од висок ризик и прв сериозен тест за организаторите и безбедносните служби.
Навивачите фрлаа бакљи и димни бомби внатре и надвор од стадниот, гостите од Марсеј запалија неколку столици, а многумина од нив успеале да внесат и разни забранети предмети и покрај засилената контрола на влезовите. Голем проблем бил и преполниот стадион.
„Системот падна малку. Имаше слаби точки кои не се прифатливи, за Ле Паризиен изјави Филип Гали, градоначелник на реонот Сен Дени каде се наоѓа стадионот. Ќе мора да го корегираме тоа што не функционираше“.
Локалните авторитети, Француската фудбалска федерација и УЕФА во понеделникот се сретнале за да ги разгледаат безбедносните пропусти и што треба да се направи за нивна корекција. По состанокот, Министерот за внатрешни работи Бернар Казанова изјавил дека серија мерки треба да се финализираат во следните денови за да се решат проблемите.
„Одлучивме забрзано да работиме на грешките за да гарантираме сигурност на влезовите на стадионите заедно со фирмите задолжени за безбедност кој треба да ги осигураат навивачите и на влезот и на излезот“, вели Казанова.
Околу 2,5 милиони гледачи се очекуваат на 51 натпревар на 24 репрезентации на 10 стадиони ширум Франција. Исто така ќе има и фан зони за навивачите кои ќе ги гледаат натпреварите на големи видео-бимови во градовите домаќини.
Навивачите на Марсеј палеа столици за време на финалето на Купот:
УЕФА, како организатор на Европското ќе ангажира 10 до 15.000 редари кои ќе бидат распоредени на 110 страни (стадионите, хотелите на репрезентациите и другите фан зони). Посебна служба ќе ги надгледува и местата со повеќе луѓе. Еден од главните проблеми на саботното финале била огромната бројка навивачи кои што го надминале капацитетот. Поради тоа вториот кордон полиција не можел да се справи.
„Кога системот е под притисок, колапсот е неизбежен на неколку точки“, додал градоначалникот Гали.
Патрик Галвар, шеф на службата за безбедност соопштил минатата недела дека има ризик од нови напади на милитантите кои планирале поставување експлозивни направи на разни места за да создадат паника меѓу луѓето.