Адвокат е закон

Голманот на руската репрезентација, Вјачеслав Малафеев смета дека клучот на успехот на овој состав во досегашниот тек на првенството, но и во изминатиов период е квалитетот на селекторот, Дик Адвокат, кој за негова жал по завршувањето на турнирот се сели во татковината и ќе го преземе ПСВ Ајндховен.

"Адвокат е фантастичен тренер има огромно искуство и во секој момент знае да извлече максимум од екипата. Има голема доверба во играчите и неверојатно како може да почувствува, кој од фудбалерите во моментот може најмногу да придонесе во квалитетот на играта", изјави Малафеев.

Рускиот голман многу добро ги познава вредностите на селекторот бидејќи имаше чест да работи со него и во Зенит од Санкт Петеребург во периодот, кога Адвокат беше на чело на овој тим.

"Целосно е посветен на работата, додека беше во Зенит, тој одлично ја познаваше секоја екипа. Постојано ги анализираше настапите на противниците и секогаш имаше неколку варијанти како да им се спротивстави. Искрено, тој е најзаслужен за се што постигнавме во клубот, но и откако е на чело на репрезентацијата. Со него можеме да стигнеме многу далеку на овој шампионат", заврши Малафеев.

Во досегашниот тек на првенството, Русија освои четири бода и е на најдобар пат да се пласира во следната фаза. Избраниците на Адвокат воодушевија против Чешка, кога победија со 4:1, беа блиску до триумф и против домаќинот Полска, но на крајот мораа да се задоволат со реми.

Следен противник на Русите е селекцијата на Грција.

14 јуни 2012 - 23:06