А пази ова, Лацио довел играч и платил на погрешен клуб

Се случува човек да утне шифра на сметка за струја, за вода, за телефон, ама да опнеш 11 милиони евра на туѓа сметка ѝ успеало само на управата на Лацио.

Според сметките на италијанскиот претставник во Лига на шампионите, кои се јавно обелоденети, Лацио за трансфер на Педро Нето платил 11 милиони евра на сметка на Спортинг Лисабон наместо на Спортинг Брага, „збунет од истите имиња на клубовите“, пишува Гардијан.

Плаќањето одело во два наврати, на сметка на Спортинг Лисабон во јули 2018 и во март 2019 легнале две убави рати, иако Педро Нето никогаш не играл за овој клуб.

Каша попара било и на сметките на Лацио и на Брага. Римјаните платиле вкупно 11 милиони, а на Брага подоцна и стигнала потврда за „легнати“ 9,5 милиони евра.

Кога бјанкочелестите го потпишале Педро Нето на 2-годишна позајмица со право на откуп во 2017-та, Брага соопштила дека договорот бил да добијат 12 милиони евра со можност сумата да достигне до 17 милиони евра со бонуси.

Во јули 2019-та Лацио го продаде Нето во Вулверхемптон за 18 милиони фунти, само месец дена откако решиле да го откупат целосниот договор.

„Да прецизирам дека Лацио доведе двајца играчи (Педро Нето и Бруно Жордао) од Спортинг Клуб Брага а не од Спортинг клуб де Португал (Спортинг Лисабон). За жал, имаше грешка од нашиот финансиски сектор кој се збунил од сличните имиња на клубовите. Спортинг Лисабон никогаш не ги регистрирал овие фудбалери, ќе ја средиме ситуацијата на двата клуба“, изјавил за Гардијан Армандо Калвери, генерален секретар на Лацио.

Потоа почнува целата карамкаша во која ни најдобрите правници и економисти не можат да се снајдат.

14 јануари 2021 - 15:25