42-годишен голман се прослави со Реал Мадрид, па сега му одбрани пенал на Барди и го урна Леванте

Хозе Хуан Фигеирас Гарсија, познат како Хозе Хуан во една календарска година, 2021-ва може да се пофали дека бил дел од тимот на третолигашот Алкојано кој направи првокласна сензација во јануари кога со 2-1 го совлада Реал Мадрид во рана фаза од шпанскиот Куп, па ги кутна уште и Уеска, Атлетик Билбао и сега последно прволигашот Леванте.

Идила.

На 20 јануари 2021-ва година Алкојано го пречека славниот Реал Мадрид на своето мало, симпатично стадионче „Estadio El Collao“ (собира 4.850 гледачи) и на најубав можен начин ја објасни шпанската изрека Tener más moral que el Alcoyano или „Биди поупорен од Алкојано“.

Шпанскиот новинар Енрике Ортего (автор на книга за Реал Мадрид и поранешен главен уредник на ABC) ја објаснил изреката: го одразува борбениот дух на тимот и станала позната во шпанската култура.

Обично се користи кога сакаат да покажат дека аутсајдер, послаб и помал не се откажува и оди до крај.

Има неколку верзии како настанала оваа изрека.

Иако Зинедин Зидан тогаш како тренер на Реал Мадрид се реши против третолигашот на малото стадионче да дојде речиси во прв состав: Милитао, Одриозола, Марсело, Валверде, Каземиро, Иско, Лукас Васкез, Винисиус Жуниор (влегоа уште и Азар, Тони Крос, Бензема, Марко Асенсио),„кралевите“ тешко го кршеа отпорот на Алкојон.

Во 45’ минута Милитао го отвори резултатот, но во 80’ минута неочекувано израмни Хозе Солбес и дуелот отиде во продолженија. А таму првокласна сензација!

И покрај тоа што во 110’ минута од продолженијата добија црвен картон, Алкојон во 115’ минута преку Хуан Антонио Казанова Видал поведе 2-1 и на крајот заслужено славеше сензационална победа против славниот Реал Мадрид.

Најзаслужен за триумфот беше 42-годишниот голман Хозе Хуан кој сега на 25-ти јануари ќе прослави 43 години. Против Реал одбрани 10 од 11 шута кон неговиот гол.

Сега беше најзаслужен и што Алкојон направи нова идила во шпанскиот Кралски Куп. 

На мечот со Леванте во втората рунда од Купот, резултатот по регуларните 90 минути беше 3-3. За гостите играше познатиот шпиц Роберто Солдадо кој даде еден гол а во 56’ минута на теренот се најде и Енис Барди.

Во продолженијата немаше голови па се прејде на пенали. А таму јунакот на приказнава одбрани 2 од 4 пенали меѓу кои и еден на нашиот Енис Барди и Алкојон победи 3-1 на пенали па се пласираше во следна фаза.

Откако шпанската фудбалска федерација (RFEF) одлучи сите рунди во Купот до полуфиналето да се играат само на еден меч, ова натпреварување доби на компетитивност и помала е разликата меѓу клубовите од Ла Лига и пониските лиги, па речиси секоја година има некоја убава бајка во која мал аутсајдер елиминира некој голем клуб од Примера.

Алкојано игра во шпанска трета лига и во моментов после 16 одиграни кола е на 10. место со 24 бода. Имаат 6 победи, 6 нерешени средби и 4 порази.

16 декември 2021 - 12:17