25 години од најпознатиот слободен удар кој го изучуваа научници

Легендарниот бразилски бек Роберто Карлос на 3 јуни 1997-ма против репрезентацијата на Франција постигна невозможен гол од слободен удар. Неговиот шут долги години се изучувал научно.

Неколку научници кои го изучувале овој интелигентен гол на Роберто Карлос сметаат дека се работи за најдобриот слободен удар некогаш изведен во фудбалот.

На тој 3 јуни 1997-ма на „Стад Жерлан“ во Лион, играа Франција и Бразил.

Французите во рамки на подготовките за Светско првенство организираа турнир наречен Tournoi de France на кој настапија уште и силните Бразил, Англија и Италија. Играа секој со секого. Покрај Лион, турнирот се играше уште и во Монпеље, Нант и Париз, со цел да се тестира логистичката подготвеност на стадионите на овие домаќини на Мундијалот следната 1998.

На мечот Франција - Бразил кој го судеше Данецот Ким Милтон Нилсен, одигран пред 28.193 гледачи, селекторот Еме Жаке се одлучи за следните 11: Бартез, Кандела, Десаи, Блан, Лизаразу, Дешам, Карембе, Ибраим Ба, Зидан, Маурис и Пирес. Минути добија и Турам, Виера и Келе.

За Бразил Марио Загало одлучи да истрчаат: Тафарел, Кафу, Селио Силва, Алдаир, Роберто Карлос, Мауро Силва, Дунга, Леонардо, Ромарио, Роналдо и Џовани. Шанса добија Марсело Гонкалвеш, Џалмиња и Пауло Нуњеш.

Финале пред финалето.

После 20 минути фудбал, на семафорот стоеше резултатот 0:0 а Бразил доби слободен удар на 30-ина метри од голот на Бартез. Логиката не укажуваше на директен удар но Роберто Карлос реши да ја оспори.

После сјајниот гол на Роберто Карлос, слободниот удар го следеа информации од разни технички податоци за погодокот (брзината на топката, оддалеченоста од голот, фатениот агол од фелшот итн.).

Бразил поведе со 0-1 а Франција израмни на 1-1 со гол на Келе во 55’ минута и тоа беше крајниот резултат.

„Тој гол го памтам како еден од најважните во мојата кариера. Луѓето не веруваа, зошто беше далеку, но имав доволно снага и со надворешна можеше да се даде истиот ефект како и со внатрешна. Додека дојдов до топката Бартез не разбираше што сакам да направам. Пробував да го натерам да помисли дека ќе шутирам преку живиот ѕид. Кога видов дека не се поместува, го сменив правецот на шутот“, се сетил Карлос во една прилика.

Кога шутнав, гледам топката потполно излезе надвор ама ветерот кој влета од десна страна на стадионот во Лион ја врати кон голот. Тоа е чудо, нешто што се случува само еднаш во живот. Гледаме голови кои личат на тој, но не се исти. Тој ден се чувствував многу важен за екипата“, раскажува можеби најдобриот лев бек на сите времиња.

А Бартез кој го прими голот, еднаш рекол:

„Помислив: решен проблем... шутов оди на месечината“.

Францускиот голман имал проблем и со видливост на слободниот удар зошто Дешам се позициноирал незгодно во живиот ѕид во кој беа уште и Виера, Зидан и Маурис.

„Никогаш не сум видел нешто слично. Првата реакција на стрелецот на голот, многу пред сите тие накнадни анализи секако беше запрепастувачка“, се сеќава актуелниот селектор на светскиот шампион Франција, Дешам.

 

3 јуни 2022 - 12:36