10 духови во Серија А

Неколку играчи изминатово лето се вдомија по италијанските екипи, но веќе во јануари ќе треба да пакуваат куфери. Дојдоа како засилувања, не играа доволно, по што клубовите решија или да ги позајмат или да ги продаваат во следниов зимски трансфер преоден рок.

СИМОНЕ СКУФЕ (1996-та година, Удинезе)

Голманот е дете на Удинезе, но не доби предност во однос на Гркот Карнезис. Талентираниот голман на Италија У21 летово имаше понуда од Атлетико Мадрид, но ја одби и реши да остане во Удине. Со оглед на неговиот статус во моментов, не би одбил повторно таква прилика.

ПАБЛО АРМЕРО (1986, Милан)

Колумбиецот одигра одлично Светско првенство со Колумбија, по што црвено-црните решија да го позајмат на 6 месеци од Удинезе. Армеро играше уште и за Наполи и Вест Хем, а од јануари би требало да продолжи во Џенова, на нова позајмица.

МИКА РИЧАРДС (1988, Фиорентина)

Со големо искуство од Премиер лигата и англиската репрезентација, Мика Ричардс беше најавуван како големо засилување во Фиорентина. По неколку повреди, Монтела не му даде шанса во првиот состав и десниот бек веројатно ќе се врати во Англија.

УРБИ ЕМАНУЕЛСОН (1986, Рома)

По заминувањето на Сидорф, кој му даваше шанса, холандскиот лев бек избега од Милан и отиде на дворот на Руди Гарсија во Рома. Со само еден настап во првиот состав на Рома, Емануелсон е потенцијално засилување за Џенова.

МАРКО ВАН ХИНКЕЛ (1992, Милан)

Галијани успеа да го убеди Мурињо да го пушти Ван Хинкел на 1-годишна позајмица во Милан, а црвено-црните не требаше да платат ништо за него во случај Холанѓанецот да одиграше 20 натпревари. Како не одигра ниту пет, Ван Хинкел веројатно ќе се врати во Челси веќе во јануари.

ЏОШУА БРИЛАНТЕ (1993, ФИОРЕНТИНА)

Да се најде место во средниот ред покрај Аквилани, Борха Валеро, Јосип Иличиќ и Матија Фернандез е тешко за секој играч на Фиорентина, па така и за Џошуа Бриланте. Австралиецот од утре заминува на Купот на Азија и извесно е дека тренерот Монтела нема да го чека назад во Фиренца.

САЛИХ УЧАН (1994, РОМА)

Турчинот Салих Учан на голема врата дојде во Рома од Фенербахче. Италијанските медиуми пишуваа дека „волчицата" го нашла идниот Даниеле Де Роси, но младиот Учан не ги оправда очекувањата и ќе биде позајмен на Аталанта Бергамо.

МАКСИМ ЛЕСТИЕН (1994, Џенова)

Слично како Рома со Учан, така и Џенова се залета со Максим Лестиен. Белгиецот имаше одлични настапи за Клуб Бриж за кој на 102 натпревари, даде 33 голови, по што италијанскиот клуб реши да го донесе на позајмица. Сепак, левокрилниот напаѓач во Џенова не забележа ниту еден настап, по што извесно е дека ќе се врати во Клуб Бриж.

РУБЕН БЕРГЕСИО (1984, САМПДОРИЈА)

Претседателот на Сампдорија, Фереро летово изјави дека Аргентинецот е најдобриот играч што го довел по доаѓањето на стадионот Мараси. Сепак, по експлозијата на Стефано Окака, Бергесио седеше на клупата и во јануари ќе оди или во Каљари или во Парма или во Удинезе.

ХАВИЕР САВИОЛА (1981, Верона)

Големото име беше доволна причина навивачите на Хелас Верона да ја сонуваат Европа, но малиот Савиола есенва беше последен избор во хиерархијата на тренерот Мандорлини. По сè изгледа ќе се врати во родната земја.