Шеиците од Катар ќе ја имаат можноста да уживаат во играта на Чави Ернандез, затоа што на 35 години капитенот на Барселона реши да замине во Доха пред да се пензионира. Ќе игра во Ал Сад.
„Тешка одлука е, но донесена во прав момент за заминување. Одлучија главата и физичката сила, не срцето.“ изјави Чави на прошталната прес конференција.
Барселона му понуди договор до 2018 година, но Чави овој пат реши да тргне по својот пат. Во Блауграна е од 11 години и важи за монумент на светскиот фудбал.
Еве 10 работи што треба да се знаат за Чави:
1. Симбол на Блауграна
Живата легенда на Барселона одигра 764 натпревари (504). Во европските натпреварувања има 172 настапи. Пред него е само Паоло Малдини.
2. Вечен победник
Во кариерата Чави освои 23 трофеи: 8 титули во Ла Лига, 3 Лига на шампиони, 6 Суперкупа на Шпанија, 2 Кралски Купа, 2 Суперкупа на Европа и 2 Светски клупски првенства. Со репрезентацијата има 2 Европски злата и едно Светско. До крајот на сезоната може да освои уште 2 големи трофеи: Кралскиот Куп (во сабота финале против Билбао) и четврти трофеј во ЛШ (на 6. јуни против Јувентус во Берлин).
3. Дебито против Тито Виланова
Чави за Барса дебитираше против Леида во Купот на Каталонија (веќе не постои). Во тогашниот стручен штаб на Барса беше Жозе Мурињо, а противник на теренот му беше Тито Виланова (даде гол на тој меч) кој подоцна му стана и тренер на Чави.
4. Дебито во Примера
Под водство на Луј Ван Гал, Чави дебитираше за Барселона во првенството на 18. август 1998. година. Младиот играч од средниот ред го гледаа како прав наследник на Пеп Гвардиола. Заигра во првиот тим како дебитант против Мајорка во првиот натпревар од Супер Купот на Шпанија (Барса загуби 2-1).
5. Почит за Пирло
Се сретнаа десетина пати во кариерата. И двајцата со најпрецизни додавања во денешниот фудбал. На денот кога се прости од Барса на прес конференцијата, Чави сакаше да му изрази почит на еден посебен противник: Андреа Пирло.
„Љубител сум на неговата игра. Нема на светот играч со таков талент. Заигравме еден против друг на 16 или 17 години, а уште тогаш беше феномен. Кажал дека ќе замине ако освои Лига на шампиони? Да се надеваме дека ќе остане и ќе продолжи.
6. Бројот на дресот
Чави дебитираше со бројот 26, пред конечно да се реши за неговиот број 6. Во репрезентацијата мораше да ја носи осмицата, затоа што кога дебитираше во 2000-та година, бројот 6 веќе беше доделен. Се сменија со Иниеста, кој ја носи осумката во Барса, а шестката во Црвената Фурија.
7. Касиљас пријател-непријател
Поделени од ривалството на теренот, но големи пријатели надвор од него. Чави и Касиљас се тесно поврзани уште од титулата на Мундијалот за играчи до 20 години (во Нигерија 1999 година). Од тогаш имаат посебен однос, без разлика на омразата меѓу Реал и Барселона.
8. Никогаш не добил Златна Топка
Колку имал среќа што играл во славната генерација на Барса, толку тоа му било и проблем. Два пати, во 2010 и 2011 беше трет во трката за најдобар играч на светот. Пред него секогаш завршуваа Меси, Кристијано Роналдо или Андрес Иниеста.
9. Златна пензија
Како и многу негови колеги претходно, Чави одбра да се пензионира во Емиратите. Потпиша 2-годишен договор со Ал Сад од Доха каде игра Раул Гонзалес. Чави според договорот ќе заработува неверојатни 10 милиони по сезона.
10. Иднина како тренер
Уште не знае каква функција, но неговата иднина е во Барселона. „Тоа е мојот дом и ќе се вратам овде, нема сомневање. Како тренер или спортски директор, тоа ќе видиме“, констатираше Чави на последната прес конференција како фудбалер на Барселона.