10 кандидати за замена на Стивен Џерард

Навивачите на Ливерпул пред дуелот со Сандерленд во саботата, на Твитер гласаа кој играч би бил идеална замена за долгогодишниот капитен, кој летово заминува во Лос Анџелес Галакси како слободен играч.

Гласањето се одвиваше под хаштагот #IWouldReplaceGerrardWith, а најмногу гласови добија фудбалерите со кој Ливерпул и онака беше поврзуван минатите преодни рокови.

1. Илкај Ѓундоган (Борусија Дортмунд)

Германецот со турско потекло е на излезна врата од Борусија Дортмунд, која има големи проблеми во Бундеслигата. Ѓундоган е млад, има 24 години и според карактеристиките наликува на Стиви Џи, а Ливерпул за него нема да треба да потроши многу пари.

2. Кристијан Ериксен (Тотенхем Хотспур)

Данецот не ги оправда очекувањата во Тотенхем, со што уште повеќе ги убеди луѓето од клубот да го продадат по 18-месечен престој на Вајт Харт Лејн. Ериксен е офанзивен играч, полушпиц и би можел да се адаптира во системот на црвените.

3. Матео Ковачиќ (Интер)

Хрватскиот плејмејкер има 20 години, но и полн кофер одлични партии во Интер. Неговата предност во однос на неговите конкуренти е тоа што може да игра на повеќе позиции, но миланскиот клуб не сака да го продаде.

4. Муса Сисоко (Њукасл Јунајтед)

Францускиот „вреден работник" на средината на теренот беше близу до Арсенал, но Њукасл реши да го задржи. Неговата цена е 20 милиони фунти, што е прифатливо за Ливерпул.

5. Рос Баркли (Евертон)

Фудбалерот на лутиот ривал на Ливерпул игра сезона под очекувањата, но и покрај тоа уште е член на англиската репрезентација и Брендон Роџерс сигурно го гледа како замена за Стивен Џерард.

6. Пол Погба (Јувентус)

По лично признание на Сер Алекс Фергусон, пуштањето на Пол Погба во Јувентус е најголема грешка во неговата кариера. Французинот игра трета одлична сезона во Торино, по што цената во моментов му е околу 60 милиони евра.

7. Чаби Алонсо (Баерн Минхен)

Баскиецот би бил идеален трансфер за Ливерпул, клуб кој најславните денови ги имаше во периодот кога Чаби Алонсо ја држеше средината на теренот заедно со Џерард.

8. Артуро Видал (Јувентус)

Чилеанецот долго време беше пред вратите на Олд Трафорд. Манчестер Јунајтед упорно сакаше да го ангажира, но Јувентус ги одби сите напади. Поради проблем со повредата го пропушти почетокот на сезоната и во моментов полека се враќа во првиот состав на Старата Дама.

9. Фабијан Делф (Астон Вила)

На англискиот репрезентативец летово му истекува договорот со клубот од Бирмингем, по што речиси извесно е дека Ливерпул ќе го доведе како слободен играч, кој ќе биде замена за капитенот Џерард.

10. Арда Туран (Атлетико Мадрид)

Турскиот репрезентативец го оствари сонот и со Атлетико Мадрид ја освои Примера пред Барселона и Реал Мадрид, а со „јорганџиите" играше и финале на ЛШ. Договорот му истекува во 2017. година, па доколку сака да го доведе, Ливерпул ќе мора да искешира поголема сума.

12 јануари 2015 - 16:11