Off Topic

Рамштајн со стомачен вирус

За Маванг знаеме само дека има е од Индонезија. За песната пак, немаме идеја како е настаната, што е мотивот и слично. Да замислиме едно можно сценарио: Маванг изел нешто бајато тоест расипано. Почнало да му се гади, да му се бурботи во мешето. Сакал да го овековечи тоа чувство, иако немал баш готов текст. Нема врска, еве го чувството. 

Штета што не веруваме во пеколот

„Храбриот“ Трамп уште нема сила да признае и да изрази жалење за оние кутри 165 (сто шеесет и пет!) ирански девојчиња на возраст од 7 до 12 години што загинаа во ракетен напад на нивното училиште. Подмолно, не еднаш туку двапати, за да се дотепаат оние кои преживеале и оние кои дошле да им помогнат. Ќе го прогонуваат ли тие нивни лица до крајот на животот? Не веруваме ама многу сакаме да е така.

Персискиот шмек на Game of Thrones

Рамин Џавади (татко Иранец, мајка Германка) е роден во Дуизбург, Германија, со summa cum laude завршува музика на Беркли во Бостон, под менторство на Ханс Зимер. Ја потпишува музиката на Iron Man, Westworld, Pacific Rim и House of the Dragon, но најпозната му е онаа од Игра на троновите. Овојпат, со дополнително локализиран аранжман на Реза Саџади, изведен од девојки на удирачкиот инструмент даф. 

Реза го нуди Иран на тацна

Да немавме и по дома вакви, ќе се чудевме. Во надеж дека ќе ја охрабри јавноста да застане зад војната на САД и Израел против неговата земја која треба да да му го расчисти патот до тронот на кој седеше татко му, Реза Пахлави ветува мед и млеко: за 10 до 15 години иранската економија ќе генерирала трилиони долари приходи за САД.

Предупредување: Вистините знаат да бидат незгодни

Психотерапевт со брутална дијагноза за ситуацијата во која сè повеќе луѓе, главно млади, се жалат дека не можат да најдат сродна душа. Изобилството го комплицира изборот, социјалните медиуми ги тераат луѓето да споредуваат и да бидат несреќни со својот живот а треш психологијата ги убедила дека секој е посебен и му следува да биде среќен. Некои ќе бидат погодени од одговорот, но и тоа е дел од приказната, луѓето сè нешто да ги погодува.

Две Србинки заглавени на две различни локации

„Луѓе, заглавени сме овде на Малдиви!“, инстаграмски драматично споделува едната од нив, барајќи емпатија од следачите заради состојбата во која се наоѓа поради војната во Иран и хаосот во авионскиот сообраќај. Другата се јавува од сосема поинаква локација, локација во која колку и нешто драматично да му се случи на човек, никој тоа сериозно не го сфаќа. 

Сарказмот знае да биде аикидо

Интересен гостин имаше Пирс Морган за војната меѓу Израел и Хамас. Египетскиот комичар Басем Јусеф кој издоминира со црн хумор, факти и многу сарказам, кој, додуша, на моменти стануваше пасив - агресив. Морган невообичаено повлечен, особено откако соговорникот иронично му кажа: „Знам, знам, ти си од добрите дечки“. А овој не е навикнат да е од добрите.

Сè што треба да знаете за она што се случува во Газа

На седми октомври Хамас изврши брутално жесток напад на Израел и оттогаш Израел се одмаздува со брутално жестоки напади на Газа. Дали смее да ви е жал за сите жртви? Апсолутно не, мора да одберете страна, објаснува The Onion (кромид, ви текнува?).

За крокодилските солзи

Девојка од публика се расплака затоа што говорникот немал обзири и почит кон народот кој најмногу страдал од нацистите. А татко му на безобзирниот говорник бил во Аушвиц, мајка му во логорот Мајданeк. Следи жестока лекција по принципиелност од Норман Финкелстајн, политички научник, експерт за израелско - палестинските односи и политиката на Холокаустот.

Како да се допазиш од вакви?

Нa патот Изола- Копер (Словенија), возило врти во погрешен правец и на него налетува друго возило. Оваа што врти имала 60 години, во неа удира возило управувано од 50 годишна жена. Едно лице е потешко а друго полесно повредено. Најјако е што оваа што е крива, најпрописно даде жмигавец дека ќе оди лево.

Хамлет, интераптед

Грегори Доран (режисер и еден од врвните светски шекспиролози), објаснува како се родил еден скеч со Хамлет и неговата најпозната реплика: „Да се биде или не, прашање е сега“. Поконкретно, што од тоа треба актерски да се акцентира. Да видите до каде можат да одат тие дилеми околу една обична реченица и кој сè упаѓа на сцена. Генијално.

Вие мислевте на бебињата во Дрезден кога го бомбардиравте?

Поранешниот премиер на Израел, Нафтали Бенет, во разговор со британски Скај њуз го дочекуваат со прашања од типот што е со бебињата и старците во Газа. Бенет (кој уште во првите часови од упадот облече униформа и се пријави за служење) неќе ни да чуе, ако Хамас не мислел на нив, нема што Израел да мисли на нив.

Не може и Русите да се терористи и Палестинците да се терористи

Снимката доаѓа од украинскиот фронт од припадник на една од чеченските единици која се бори на страната на Украина. Човекот има проблем со дволичноста, откако Киев изрази поддршка за Израел во борбата против палестинските терористи. Неговото равенство вели ако Палестинците се терористи затоа што се обидуваат да ја ослободат својата територија, тогаш и Украинците се терористи затоа што се обидуваат да ја ослободат својата држава од руската окупација.

Полудеа ли начисто?

Оној злотвор и претстедателски лузер, Хилари Клинтон, вика дека фановите и симпатизерите на Доналд Трамп се како членови на секта и дека треба да се соочат со некакво „формално депрограмирање“. Ај уште еднаш - формално де-про-гра-ми-ра-ње. На 70-тина милиони луѓе. Па Менгеле не беше волку амбициозен. 

Заштитените медиумски мечки

Илон Маск го ретвиташе ова видео старо девет години во кое Џон Стјуарт (Јон е со еврејско потекло, вистинското презиме му е Лебовиц), смислил одлична показна вежба што се случува ако некој се дрзне да ја преиспитува човечноста на израелските политики. Дечки, тоа не значи дека тој автоматски е за Хамас, порачува Стјуарт во неговите златни времиња.

Западното новинарство и Блискиот исток

„Дали осудувате“ и „Дали се оградувате“ се зицер новинарски  прашања со кои соговорникот го држиш на узда, прикован на пожелниот наратив на темата, без да  му дадеш шанса да ја одзумира сликата и да ги прикаже работите во контекст (пред да осудува и да се оградува). Тоа го проба БиБиСи со шефот на Палестинската мисија во Англија, Хусам Зомлот. Не им успеа.  

Роденденска за Ленон

Џон Ленон деновиве ќе полнеше 83 години. Фанови на Битлси решија да се соберат и да го прослават денот со песна. Се разбира, во Строубери филдс, дел од њујоршкиот Централен парк посветен нему. Ах, да дојдеше и Јоко, па да запее и таа, па да се разбегаат сите ко глувци.

Будали на сите страни

Еден рабин кој порачува дека христијаните не треба да му се молат само на еден Евреј (Исус) туку  на сите Евреи зашто тие секој ден гинеле за нашите гревови и се единствените кои нè чувале од Орките. И една муслиманска замлата од Њујорк кој знае која е исправната религија и порачува дека нема да сопрат додека Алах не стигне во секој дом.

Сакате да го разберете светот?

Ако во светло на распаљотката во Газа и Израел, војната во Украина, вечното клокотење на Балканот, чистката во Нагорно Карабах, комплицираноста на Сирија... сакате да сфатите кој е со кого а кој против кого и притоа најдете соговорник спремен да ви одговори на дилемите, никогаш не одете до крај. Колку и да е трпелив човекот, секогаш ќе завршите вака.

Фитнес инфлуенсери вс. елитни спортисти

Како што Хабиб ќе порача во едно интервју: како тоа ти планираш да станеш светски шампион ако не преспиваш попладне по два саати и навечер не си легнуваш во 21.00? Без разлика што ви рекламираат, еден од најсилните допинзи што можете здраво и бесплатно да ги направите е да легнете да спиете.

Чаша од хартија не може да постои

Максимум што можеш да направиш од хартија е фишек за семки, затоа што хартија сама по себе не може да држи течност. А ако сакаш да држи течност тогаш треба да и додадеш бариера што не пропушта течности, пример полиетиленска пластика, што пак решава еден проблем ама отвара сосема нов на тема здравје.

Исак Асимов гледаше далеку

Откако на барање на Летерман наброи некои од работите кои гии има предвидено (и погодено), патrијархот на научната фантастика вика: „Не пробував јас да погодам, пробував да продадам некоја книга за да можам да си платам за школување“. Тоа е само еден детал од муабетот со овој прешармантен човек кој на крајот добацува и до интернет, подкасти... 

Не им трубете на стари луѓе

Сцена од Мекдоналдс кога девојка му свирела од кола на стариот пред неа затоа што предолго се задржал додека нарачувал, а потоа била засрамена кога овој ја платил и нејзината храна, односно на  нејзината грубост возвратил со добрина. Чекајте, не е тоа целата приказна.

Џејк Саливен, 29 септември 2023

Советникот на Бајден за национална безбедност, Џејк Саливен, за време на Атлантик фестивалот 2023:  „Регионот на Блискиот Исток денес е потивок отколку кога и да било во последниве две децении.“

Варуфакис ја закопа Европа

Вежбата на Варуфакис гласи: Ајде да извадиме некое хипотетичко розево сценарио во кое утре во О.Н. почнуваат мировни преговори за Украина. Сите знаеме која светска сила кого ќе прати, а кој ќе прати Европа? Тек за Фон дер Лејен што има да каже.

Летерман и Лено за овие денес беа богови

Деили шоу (кое после Тревор Ноа е во потрага по стален домаќин) се држи најслабо со само 366.000 гледачи (во времето на Џон Стјуарт имале преку 2 милиона). Милион нема ни Сет Мајерс. Џими Фалон има 1,3 милиони што значи дека изгубил цел милион од оние што ги имал во 2017/2018-та. За споредба, просечна гледаност на подкаст епизода на Џоп Роган е 11 милиони.

Синот на претседателот

Додека во Обединетите нации претседателот на Екваторијална Гвинеа Теодоро Обианг зборуваше за тоа како Африка недоволно се развива, неговиот син Тоедоро Нгема, правеше проверка на станот што го имаат изнајмено во Њујорк за 75.000 долари на ден за времетраењето на годишното собрание на О.Н. Теодоро помладиот инаку е потпретседател на Екваторијална Гвинеа.

Ако не нè слушате, вака ќе умрете

Дел од видеата за безбедност на работа во Кина се базираат на вистинити настани што се случиле низ фабриките во земјата. Се работи за анимации во кои главно се отстранети сите ужаси од непочитувањето на правилата за безбедност, освен делот во кој умираш.

Не ти се врзувам, па не знам шо да е

Репортажа од далечната 1984 година, за отпорот во Америка против тогаш новата обврска за задолжително врзување појаси во автомобил. Одлука која сигурно спаси многу животи но истовремено им даде идеја на државите дека имаат право колку сакаат да упаѓаат во нашите животи и одлуки.

Телевизиското деби на Дејвид Боуви

1964-та година е, Дејвид има само 17 години и уште не е Боуви туку само Џонс. Гостува на BBC, но не како музичар туку како претставник на една нова цивилна група: „Здружението за спречување суровост кон мажи со долги коси“. Во тоа време, машките со долга коса биле исмевани, враќани од школо, викани „педерчиња“.... И ете го Боуви да се побуни против таквиот сељачизам.