Off Topic

„Подобрата Србија“ демонстрира простаклук

Група победнички бадијалџии се собраа пред зградата на српскиот парламентг каде се одржува конститутивна седница на новиот парламентарен состав. За да им аплаудираат на своите и да викаат „уаа“ на другите (јаки потези, јаки герили). Најглупата меѓу нив ја потури со јогурт по глава актерката Лидија Вукиќевиќ која има мандат од СНС.

ВИ музиката ги доби своите Греми

Во Лос Анџелес биле одржани првите AI Music Awards за музика креирана со вештачка интелигенција. Распоредени во 25 музички жанра и три категории: скроз ВИ, делумно ВИ и хибридни песни во кои вокалот е на клониран човечки глас. Влез за настанот бил 250 долари. Ги имаме победниците. Некако ни немаат душа :)

Политичар е за да те фарба

Во 2021 година, локални политичари во изборна кампања решаваат да им покажат на своите гласачи дека тие се луѓе од народот па наместо само ветувања, да демонстрираат дека се подготвени конкретно да им помагаат на луѓе. На пример, да освежат со боја фасада на една скромна куќа, па удираат ваљак, се разбира, пред камери и новинари. Да ја видите куќата пет години подоцна.

После победата доаѓаат прашања

Изгледа дека сè може да се смести под ист политички покрив: европски интеграции, пријателство со Русија, воена неутралност и по некоја историска благодарност. Политичката програма е како шведска маса – земате што ви се допаѓа, а ако некогаш стигне сметката, едноставно ѝ ја префрлате на следната влада.

Брисел слушна за Мууукедонија

Белгиски медиум во целосна сопственост на фламанската влада се потегнал да сними репрезентативен прилог за Македонија, за оние илјада баталени грла добиток кои талкаат по општината и прават бељи а за кои градоначалникот вика дека би ги средил за 10 дена, само кога би му се дала надлежност. Истата оваа општина што не може да ги среди кравите има дадено 45.000 евра за Лепа Брена. 

Речните „капсули“ на Африка

Од избори до избори, на луѓето од јужноафриканското село Дикидини (општина Нтабанкулу, молим лепо) им се ветува дека ќе им се изгради мост за да можат да ја преминуваат реката Мзинлава. Пошто политичарите упорно ги лажат, луѓето ја минуваат реката така што стручни лица ги пикаат во пластични буриња (кај нас зелка што се става) и после ги навигираат. Ако клиентот заврши во океан, не плаќа.

Сократ, првата жртва на демократијата

Сиромашните ќе го сакаат она што го имаат богатите, младите ќе сакаат да бидат уважени како старите, жените ќе сакаат да бидат како мажите, странците ќе сакаат права како староседелците, лопови и преваранти ќе сакаат важни државни функции а демократијата ќе им го дозволи сето тоа. А кога таквите демократски ќе ја преземат власта, ќе се роди тиранија полоша од сите други тирании.

А тек ракија....

Видео кое демонстрира што прави капка виски на колонија од милиони бактериии. Масакр. Ако е така со виски и неговите скромни 40 степени алкохол, тогаш од оние наши 45+ што по правило „ми ги носи човек од Кавадарци, само за свој ќеиф прави“ (а прави 500 литра човекот), бактерииве извршуваат масовно самоубиство штом ќе се отвори шишето.

Како кучето мое нигде нема друго

Какво време доаѓа, наместо „Што раса ти е кучето?“ газдите на кучиња да ги прашуваме „Што ментална дијагноза е твоево?“ Кога пред некое време ги објавивме на некаква улична парада (види: Ова ли се страшните европски „кучиња на војната“?), мислевме дека тоа е врвот на таквиот егзибицонизам. Не бре, имале тие и напревари во дресура. Него, ќе ги кастрираат ли?

Што го прави мажот - маж?

Постојат катаљарда дефиниции и начини да се опише тоа суштество. Од неговите биолошки карактеристики па до некои подуховни или карактерни особини. Ваква дефиниција немаме чуено. Дека маж е оној кој една работа никогаш не прави два пати. Никогаш. И дека е незамисливо тоа двапати да го направат алфа мажјаци од калиброт на Џон Вејн или Џемс Бонд.   

Вовед во квантна физика

Незаборавно запознавање на професор по квантна физика со своите студенти. Има лоша и добра вест за нив. Лошата е што тој предмет не може интуитивно да се разбере. Добрата е што, во суштина, никој не го разбира, само што тие, во тој момент, не го знаат тоа. Во тој момент, само тој не ја разбира квантната физика. Негова задача е за една недела студентите да го стигнат. Јак шармер.

Трамп, чичко Реган да ти каже нешто

Мастер клас по трговски и увозни тарифи на иконата на Републиканската партија, Роналд Реган. На почетокот тоа изгледа како патриотска работа која ги штити домашните производи и работни места. А потоа работите почнуваат да се урушуваат, на големо. И не завршува тоа на добро.

Шибај напред, вештачка интелигенцијо, не нè чекај

Одвреме- навреме, на сајтов оставаме по некое импресивно парче кое е репрезентативно за тоа до каде стигната вештачката интелигенција до датумот на објавувањето. Тоа го правиме чисто за после неколку години, да се чудиме на какви баналности некогаш сме се чуделе. А дотогаш, до толку ќе збудалиме од мешањето на реалностите, што ни на одразот во огледалото нема да му веруваме.  

Зошто е тешко за црнец да верува во реинкарнација?

Комедијата и хуморот се врвни модалитети на човечкиот дух. Способноста да се види една банална работа од сосема друг и неочекуван агол бара талент, осет за тајминг, испорака.... Обично вицот има еден панчлајн. Овде тие самите се редат бидејќи сетапот е одлично поставен. Еве пред да ја погледнете точката, поставете си го истото прашање од насловот и видете дали ќе ви дојде...    

Бил Бур не се насанкува така лесно

Новинари го начекуваат Бил Бур и се обидуваат да изнудат некоја контроверзна изјава за да имаат наслов и да собираат кликови. Не е тој од вчера. Им вика дека едвај школо има завршено, дека не гледа вести туку скрола по Инстаграм, главно мотори и хиени. Ги поучи и дека не треба да прашуваат комичари (Што е следно, ќе ме прашате за Блискиот исток?) и само да пренесуваат изјави туку да се сетат дека се новинари и да си ги вратат јајцата. Што сега ги немаат.

Женски таленти

Фина зезанција за тоа како префинети чувства за препознавање работи може различно да се користат. На почетокот е жена која го препознава парфемот по „кликот“ кој го прави капачето на шишето. А потоа жена која совршено го користи своето истенчено чувство за мирис. Само, овојпат не се работи за парфеми.

Диего Макарона и Пиво Андриќ

Да ви ги покажеме урнебесните дела на Андреј и Димитрие, дечки од Србија кои не се сувопарни графички дизајнери (ова малку полево, ова малку подесно) туку креираат оригинални „брендови“ и имагинарни бизниси (на пример: Рибен ресторан „Гирица и Марица“) со луцидно вметнати референци од поп-културата, музиката, филмот.... и најважно од сè, со многу хумор во нив.

Не бива Солун без македонска песна

Савина Јанату е позната грчка пејачка со повеќедецениска кариера која има нов албум (со групата Примавера Салоника и долгогодишната соработничка Ламиа од Тунис). „Савина знае да нè транспортира преку векови и држави“, пишува Гардијан за албумот "Watersong", инспириран од водата како мелем и како проклетство. Јанату нè транспортира од Ирска до Ирак, од Корзика до Калабрија, од Македонија до Македонија.

Трамп знае амбасадор за Србија да одбере

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека Марк Брновиќ, адвокат, ветеран и поранешен јавен обвинител на Аризона (Американец со српско потекло и член на Републиканската партија)  е избран за нов американски амбасадор во Србија. Доаѓа на местото на Кристофер Хил, кој своевремено беше амбасадор и во Македонија. Наместо да ви го претставуваме Брновиќ, да оставиме тој самиот да се претстави.

Сиот тој џез... капитал

Најбогатиот музичар на светот е побогат од Бијонсе, Боно или Дилан и патем, ги има освоено сите музички награди што може да се освојат, од Греми до Тони. Зад него е повеќе од полувековна музичка кариера па сепак, многумина можеби и немаат слушнато за него.

Темната вистина зад УСАИД

Јутјуб каналот Red Pill Bunny концизно ги поврзал точките за вистинските мисии за контрола и влијание на неодамна укинатата американската агенција за развој. Од силните нетранспарентно потрошени милијарди до извозот на франшизата наречена Шарена револуција. Послe Маск и ДОГЕ е лесно да се мудрува, но останува мистерија како Американците толку долго не беа свесни за ништо од ова.   

Избрусена историја

Ако некому е полесно, Заев и таа тајфа не се единствените кои со брусилки сакаа да ги избришат знаците на сопствената историја и сеќавања, па се стругаа шахти (за да им удоволиме на Грците)  и споменици од НОБ (за да им удоволиме на Бугарите). И во Литванија се брусат шахти од знаците на СССР, или да се подзаборави нивниот доброволен колаборационизам со нацистите.

Сите се верници... на вилица

Кога ќе прашаат луѓе на анкети, сите се за мир во светот, сите се хранат здраво, сите редовно вежбааат, пропуштаат пешаци на пешачки, го вадат белото од мортаделата заради холестерол... Слично е и со верата. На такви истражувања, испаѓа дека 22% Американци редовно одат во црква или друг верски храм. Следи им го ГПС-от на мобилните, ги има само 5 посто.

Како Курти испадна Заев

Албин Курти беше убеден дека зборува со претседателот на Литванија па се расприкажа не само за „хибридната војна“ во која биле вмешани Србија, Русија и косовската опозиција туку и за човекот на Трамп, Ричард Гренел кој го обвини за пуч а сега ќе треба да ги средува геј луѓето во Кенеди центарот, иако самиот е геј. Па „Литванецот“ му вика, а знаеш ли дека и јас сум геј?   

Како Германија си пукаше во нога

Видео снимка од моментот кога Германија решава да ја сруши тогаш (2021 година) една од најмодерните електро-централи на јаглен во Европа, која била во функција 83 години, како дел од планот целосно да  се еманципира од јагленот до 2038 година. Инаку, значителен дел од 84-те такви централи во земјата досега имаат престанато со работа.

Да се смисли наш збор за ова

Веројатно некогаш сте начекале постар човек, со раце на гз, како посветено гледа во некое градилиште, небаре од неговото зјапање зависи судбината на тој проект. Италијанците имаат и збор за тоа, "umarell" и означува токму тоа, пензионер кој обожава неповикан да надгледува градежни работи и одвреме-навреме да даде некој драгоцен совет кој никој не му го бара.

Секоја генерација има свој Хомер

Прашање: „Во своите епски поеми, Хомер честопати го спомнувал нектарот како пијалок на боговите. Слична работа спомнувал и за нивната храна. Што е тоа? “ Ако вашиот одговор е амброзија, стари сте.

Најголемиот азил за бездомни кучиња во Европа

Се наоѓа во општина Јајце, Босна, се простира на 24 хектари а трошоците се 500.000 евра годишно. Го води повратник од Швајцарија кој има помош и од странци кои велат дека вакви услови кучињата немаат ни во Германија ни на други места во Европа. Меѓу другото, 425-те кучиња што моментално се таму, имаат и базени.

И без школо „далеку“ се стигнува

Дечкото решил да сними кратко видео за да ѝ покаже на својата некогашна наставничка колку била грешка кога му повторувала дека ако не учи, никаде нема да стигне во животот. Глеј ме сега каде сум професорке! - финишира оваа зезалица. Прц.

Климатска кладилница

Зошто не го слушаат Берни Сандерс кога потсетува на алармот на научниците дека ако не ни дојде памет за едно осум, девет години, големи градови ширум светот ќе бидат потонети во вода? Зошто? Затоа што идентични апокалиптични сценарија луѓето слушаат со децении и ако тие се покажаа како точни, и Берни денес ќе беше под вода.