
Во компаниите што прифаќаат генеративни алатки со ВИ се забележува збунувачка контрадикција. Иако работниците ја прифаќаат новата технологија, таа не им помага многу за да создадат вистинска вредност. За две години двојно се зголеми примената на ВИ во компаниите. Сепак, неодамнешен извештај од Media Lab на Универзитетот МИТ покажува дека дури 95% од организациите не гледаат мерлив поврат на нивната инвестиција во овие технологии.
Истражување на BetterUp Labs ја идентификуваше можната причина: Вработените користат алатки со ВИ за работат со помал напор, а на крајот создаваат повеќе работа за своите колеги. Ова се нарекува „workslop“ - содржина генерирана од ВИ што се смета за „добро завршена работа“, но всушност не придонесува за решавање на задачата.
ВИ им овозможува на работниците да создаваат добро форматирани слајдови, долги и структурирани извештаи, навидум артикулирани резимеа на академски трудови или употреблив код. Но, други ја користат за содржина што всушност е бескорисна, нецелосна или без клучен контекст за проектот. Тоа го префрла трудот од креаторот на примачот.
Воркслоп се јавува низ различни индустрии, но најчесто во професионалните услуги и технологијата. Анкета на BetterUp Labs спроведена кај 1.150 вработени со полно работно време во САД низ различни индустрии, покажува дека 40% добиле воркслоп во изминатиот месец. Феноменот се јавува најчесто меѓу колеги (40%), но се испраќа и во извештаи до менаџери (18%).
Воркслопот не е когнитивно растоварување – на пример да се користи пребарувач наместо да се паметат факти. Тоа е машинско префрлање на когнитивната работа од еден на друг човек. Вработени го преземаат товарот за откривање и толкување пропуштени делови или лажен контекст. Тоа отвора каскада од напорни и сложени процеси на донесување одлуки.
Морав да губам повеќе време следејќи ги информациите и проверувајќи ги со сопствено истражување. Потоа изгубив уште повеќе време закажувајќи состаноци со други супервизори за да го решам проблемот и продолжив да губам време за да ја преработам работата, вели директор во малопродажба.
Ова создава реални трошоци за компаниите. Вработените од анкетата изјавиле дека поминале во просек 1 час и 56 минути решавајќи проблеми создадени од ВИ.
Врз основа на потрошеното време и нивната самопријавена плата, откривме дека овие инциденти со неуспеси во работата носат невидлив трошок од 186 долари месечно. За организација од 10.000 работници, со оглед на проценетата распространетост од 41%, ова носи изгубена продуктивност од над 9 милиони долари годишно, наведува BetterUp Labs .