
Со својот огромен потенцијал да ги намали трошоците за трговија и да ја зголеми продуктивноста, вештачката интелигенција би можела да биде светла точка за трговијата во сè посложената глобална средина, се наведува во годишниот извештај за трендовите во мултилатералниот трговски систем.
СТО истакнува дека бизнисите што ќе ја прифатат ВИ би можеле да ги намалат трошоците во логистиката, усогласеноста со регулативите и комуникациите.
Технологиите за превод управувани од ВИ може да ја направат комуникацијата побрза и поекономична, особено во корист на малите производители и трговци, овозможувајќи им да се прошират на глобалните пазари.
Се проценува дека ова може да придонесе за раст на извозот во земјите со ниски приходи за дури 11%, под услов да ја подобрат својата дигитална инфраструктура. Но, ако не успеат да го премостат дигиталниот јаз, економистите на СТО проценуваат зголемување на приходите од само 8% до 2040 година. Тоа уште повеќе ќе ги оддалечи од економиите со повисоки приходи, со проценет раст од 14%.
Вештачката интелигенција може да ги преврти пазарите на трудот, да трансформира некои работни места и да замени други. Управувањето со овие промени бара инвестиции во домашни политики за подобрување на образованието, вештините, преквалификацијата и мрежите за социјална сигурност, предупреди генералната директорка на СТО, Нгози Оконџо-Ивеала, претставувајќи го извештајот во Женева.