Во пракса, во САД, нема регулативен стандард за тоа што значи мултивитамин и што тој треба да содржи за да биде така етикетиран.
„Тоа што купувачите подразбираат под мултивитамин, обично ги содржи сите делови од препорачаниот дневен внес на витамини на просечен човек (Ц, Д и неколку различни Б витамини), плус некои минерали (железо, цинк, магнезиум) и понекогаш не-витамински состојки како ѓумбир и гингко,“ објаснува Аманда Мул за Атлантик.
Сосема друга категорија, само затоа што тие сакаат така да се водат, се суплементите кои ветуваат секакви магични бенефити од подобрување на квалитет на кожа до смирување на нерви, на кои никаде не пишува мултивитамин, меѓутоа според таблицата на нутритивност се речиси исти со просечно кутивче мултивитамини.
„Споредбата на состојките во производите е истоштувачки процес. Печатените букви се мали, бројките се многу блиску, разните производители по различен редослед и различно име ги наведуваат истите состојки. Ако купуваш онлајн, некои веб-страни не ти даваат доволно да зумираш за да ја прочиташ листата на состојки. Ништо околу тоа како суплементите се продаваат и пакуваат не ги прави лесни за разбирање или споредување за луѓето што ги купуваат,“ анализира Мул.
Основачот и прв човек на платформата за независно лабораториско тестирање на прехранбени суплементи Конзјумерлаб, Тод Куперман, тврди дека крајното искуство за купувачите најчесто е многу слично без разлика кој бренд на мултивитамин ќе го одберат.
Неговото искуство е дека производителите ги формулираат производите врз основа на најмали траги од докази дека некоја состојка е корисна за некој проблем.
Бидејќи внесувањето на минимум витамини и минерали е клучно за човечкиот живот, студии ги поврзуваат витамините со цели каталози од човечки функции и потреби. Што значи дека продавачите на суплементи можат да избираат што ќе рекламираат дека е користа од нивните производи.
Научниците што се занимаваат со исхрана и нејзин квалитет, објаснуваат дека луѓето главно ги добиваат потребните количини на витамини од секојдневната исхрана. Мултивитамините прават разлика во случај кога кај човек има прехранбени недостатоци или конкретен здравствен проблем. Пример, на трудниците им треба повеќе фолна киселина од просечен човек за да спречат вродени мани кај плодот, а веганите често пати немаат доволно Б12.
„Луѓето со доволно пари да изградат оптимизиран режим на суплементација, ретко кога имаат прехранбен недостаток,“ пишува Мул.
На страна целата хемија, што и како функционира, самата индустрија на мултивитамини е прилично сомничава, главно затоа што има минимум надзор и државна контрола. Не се бара никаков доказ за ефикасност и безбедност на производот; секој петти тестиран суплемент од Конзјумерлаб имал значително поразлични состојки од напишаното; нивоата на состојките биле или премногу ниски или премногу високи; таблетите не се распаѓале и не дозволувале да бидат апсорбирани во телото; капсулите со масла се скиселувале; дел од суплементите биле загадени со пестициди и метали.
Во една анегдота што ја раскажува Мул, за време на евалуацијата на суплемент за машка потенција кој требало да биде составен од традиционален микс на кинески тревки, во капсулата бил најдено парче од сина таблета од Вијагра, и ова било прилично чест случај кај суплементите за машка потенција.
Од 1994 до 2016 бројот на производи на американскиот пазар на суплементи расте од 4.000 на 80.000. Според една процена американскиот пазар на суплементи во 2019 чини 43 милијарди долари. Тоа е пред луѓето преплашени од коронавирус да почнат да трупаат витамини.