Моделот Fable 5 пуштен од „домашен притвор“

Антропик потврди дека моќниот модел со вештачка интелигенција Fable 5 наменет за програмери утре повторно ќе биде глобално достапен, откако владата на САД ја повлече наредбата да биде недостапен за странци. Откако беше блокиран на 13 јуни, Fable бил надграден со повеќе безбедносни механизми што би требало да спречат упади во безбедносни системи.

Администрацијата на Трамп претходно делумно ја повлече и блокадата на уште помоќниот модел Mythos 5, кој ќе биде одобрен за користење само за институции и организации што се директно одобрени од федералните власти. И компанијата OpenAI по барање од владата минатата недела го претстави својот нов модел GPT-5.6 пред само мал број одобрени клиенти.

Министерот за трговија Хауард Лутник изјави дека неговата канцеларија „тесно соработувала со Антропик за да го анализира и одобри Fable 5, со цел да се обезбеди усогласување низ целата влада на САД.

Благодарни сме на нашите корисници за нивното трпение и на сите што соработуваа со нас на враќање на моделите, објави компанијата.

Mythos падна во немилост откако на тестирање се покажа доволно моќен да пробие силни криптографски заштити на владини институции, критични јавни претпријатија и големи банки. Забранет беше и моделот Fable, кој има иста основа, но со вградени безбедносни рамки.

Американските службеници, сојузниците и водечките компании за ВИ се загрижени дека врвните модели може да бидат злоупотребени за автоматизирање на софистицирани сајбер напади или за развој на биолошко оружје.

Замрзнувањето на најнапредните модели на Антропик, од друга страна, предизвика вознемиреност во технолошкиот сектор во Силициумската долина и поттикна колебања дали воопшто да се предадат на контрола моќните модели.

Инцидентот со моделите на Антропик всушност го постави првиот практичен образец како Вашингтон ќе настојува да ја регулира вештачката интелигенција, за да спречи безбедносни ризици без притоа да го запре развојот и трката со глобалните конкуренти. 

Кина се приближува кон производство на свој конкурент Mythos, додека продолжува да објавува модели со отворен код кои се конкуренти на модели како Claude Opus 4.8. 

Според неодамнешната извршна наредба на претседателот Трамп, администрацијата се соочува со рок до август за да создаде стандардизирани критериуми за оценување на безбедносните ризици на новите модели со ВИ.

1 јули 2026 - 13:39