Микрософт се прецени: откажува лиценци за ВИ за вработените

Фирмите што ги охрабруваа вработените да користат алатки со вештачка интелигенција за да ја зголемат продуктивноста почнуваат да жалат за одлуката. Системот базиран на токени и масовното користење ги доведе во ситуација да плаќаат повеќе за трудот на алатките отколку за плати на луѓето. Технологијата ги уништува класичните канцеларии, но воопшто не е евтина.

Микрософт неодамна почна да откажува лиценци за користење на Claude Code, само шест месеци откако охрабри илјадници свои програмери, менаџери на проекти, дизајнери и други вработени поактивно да експериментираат со оваа алатка за помош при програмирање.

Директорот на Микрософт за ВИ, Мустафа Сулејман, тврдеше дека канцелариските работни места може да исчезнат во следните 18 месеци, бидејќи технологијата станува сè пораспространета.
Алатките станаа популарни побрзо од очекуваното. Извршниот директор Сатја Надела откри дека компанијата генерира до 30% од својот код со ВИ. 

Со систем за цени базиран на токени, работниот процес станува поскап поради поголема употреба на алатките и ограничениот пристап до големите центри за обработка на податоци.

Компанија на која не ѝ е објавено името, за еден месец направила трошок од 500 милиони долари за токени откако заборавила да постави ограничувања за вработените. Убер до април веќе го потрошил годишниот буџет за алатки со ВИ.

Голдман Сакс неодамна предвиде дека агентите со ВИ би можеле за 24 пати да ја зголемат потрошувачката на токени до 2030 година, достигнувајќи 120 квадрилиони месечно. 

Извештај од истражувачката фирма Гартнер покажа дека до 2030 година цената на токените ќе се намали за речиси 90% во споредба со 2025 година, но тоа нема автоматски да се преслика во заштеда, бидејќи на новите алатки ќе им бидат потребни многу повеќе токени по задача.

Многу скоро секој вработен во Nvidia ќе користи по 100 агенти со ВИ како помошници, предупреди директорот Џенсен Хуанг.

******
Види и: Ботовите сега се поскапи од платите на работниците

4 јуни 2026 - 15:21