
Тикток е масивен, фрагментиран и непроѕирен. Повеќе од 1,5 милијарда активни корисници во светот се навлечени на речиси бесконечна низа содржини во систем за кој не се знае многу.
Матичната компанија ByteDance не споделува информации како е наштелуван алгоритмот за да ги натера корисниците да се враќаат. Според интерни документи, објавени при тужба против компанијата, Тикток проценил дека се потребни само 260 видеа, односно прелистување до 35 минути, за да се создаде навика за користење на апликацијата.
Направени се симулации со ботови, но Вашингтон пост спровел темелно истражување со реални корисници, за да ги анализира и реакциите. Од шестмесечно искуство на 1.100 корисници во 2024 година била создадена база на податоци од приближно 15 милиони видеа. Кога почнал експериментот, некои првпат ја користеле апликацијата, а други поминувале по неколку часа на ден прелистувајќи видеа. Фокусот бил на три метрики: Колку време од денот секое лице потрошило гледајќи видеа, колку пати ја отворило апликацијата и колку време поминало до преминување на нова содржина.
- По само една недела, времето што почетниците го поминувале на апликацијата се зголемило од 32 на 45 минути и почесто користеле Тикток.
- По еден месец тие поминувале просечно по 54 минути и побрзо ги менувале содржините.
- По пет месеци јазот помеѓу повремените и активните корисници се намалил. Почетниците веќе поминувале по 70 минути на Тикток, двојно повеќе отколку на почетокот. Другите се задржале на четири часа. Првите ја отворале апликацијата по 8 пати, а другите по 20. И едната и другата група побрзо ги прелистувале видеата.
Имало разлика и во содржините. Во почетокот тие биле музички нумери, но со текот на времето алгоритмот понудил поширок спектар.
Како прв „појас за спасување“ од зависност се препорачува контрола и управување со времето времето поминато на Тикток. Вториот чекор е бришење на апликацијата.
Тикток треба да се трансформира во заедничко вложување, со поголема контрола од американските инвеститори, но алгоритмот ќе остане во сопственост на ByteDance. Претставници истакнуваат дека алгоритмот ќе биде преобучен и прилагоден врз основа на американските навики и интереси.