Ова е наш скромен обид да се создаде архива за песните и да се заштити музичкото наследство на човештвото од уништување при природни катастрофи, војни или пропаст на платформите, објави Anna's Archive.
Оваа хакерска група досега функционираше како извор на метаподатоци за авторски книги и академски трудови. На корисниците им дозволува да ја пребаруваат содржината и да преземат податоци преку торент, за да се намали правната одговорност.
Хактивистите на својот блог објаснуваат дека „не можеле да се воздржат“, а да не ја симнат целата архива со песни на Спотифај, и го направиле тоа откако откриле начин како брзо да снимат толку големо количество податоци. Групата тврди дека архивирала околу 86 милиони музички датотеки, кои сочинуваат околу 99,6% од преслушуваните содржини на платформата.
Но, вкупната архива на Спотифај е околу 256 милиони песни. Всушност, преземени се метаподатоци за сите песни и тие веќе се достапни на страниците на Anna's Archive, а симнати се само една третина од музичките датотеки. Не е објавено кога ќе биде овозможено нивно преземање, веројатно преку торенти според редослед на популарност.
Спотифај објави дека хакерскиот упад во серверите ќе го третира како кражба на десетици милиони парчиња интелектуална сопственост.
Уште од првиот ден, ние застанавме на страната на уметничката заедница против пиратеријата и активно работиме со нашите индустриски партнери за да ги заштитиме креаторите и да ги одбраниме нивните права, соопшти Spotify.