Грок ќе им биде наставник на милион ученици во Ел Салвадор

Откако стана првата земја во светот што овозможи плаќања со криптовалути, Ел Салвадор сега го ангажира четботот Грок на Илон Маск во наставата за повеќе од 1 милион деца во повеќе од 5.000 јавни училишта. Алатката со ВИ ќе се прилагоди на капацитетите на секој ученик за да му помогне да го совлада материјалот.

Грок постепено ќе се вградува во образовниот систем, но сè уште не е познато до кој степен ќе ги замени наставниците. Сè поголем број наставници низ светот користат модели со вештачка интелигенција во составувањето работни листови и испитни задачи, во оценувањето и поедноставување на документацијата. 

Ел Салвадор не ја чека иднината, туку самиот ја гради. Ова партнерство може да донесе нешто извонредно за целото човештво, изјави претседателот Наиб Букеле.

Пред еден месец тој објави и партнерство со Гугл за лансирање мобилна апликација со ВИ за бесплатни виртуелни медицински консултации за граѓаните.

Грок ќе овозможи персонално туторство за над 1 милион ученици, со прилагодување на темпото на совладување на материјалот, и ќе обезбеди образование од светска класа, објави xAI.

Пред десет месеци Естонија склучи договор со компанијата OpenAI за прилагодување на моделот ЧетГПТ за помош на учениците и наставниците во средното образование.

Модели со ВИ на Мета од 2023 година беа вклучени во наставата во училиштата во руралните делови на Колумбија. По една година наставниците ја обвинија технологијата дека е одговорна за ниските оцени и слабиот успех на учениците во споредба со другите земји. 

******
Види и: Естонските деца ќе учат вештини, за сè друго тука е ВИ

16 декември 2025 - 14:13