
На средношколците Естонија од новата учебна година ќе им бидат доделени лични дигитални помошници со вештачка интелигенција кој ќе им помогне да го совладаат наставниот материјал.
Ова е клучниот елемент на образовната реформата во малата балтичка земја со 1,4 милион жители, која веќе ги престигна нордиските земји според квалитетот на образованието. На глобалното тестирање на Писа во 2022 година естонските ученици постигнаа најдобри резултати во Европа според стекнати вештини по математика, науки и креативно мислење. Во категоријата на јазици се на второто место, зад Ирска.
Од септември почнува националната иницијатива „ВИ скок“. Се преговара за лиценци со компанијата Опен АИ. Во првата група ќе бидат опфатени средношколците од завршните години, на возраст од 16 и 17 години. Целта е најдоцна до 2027 година да се овозможи бесплатен пристап до најсовремените јазични модели за 58.000 ученици и 5.000 наставници, кои ќе бидат обучени за користење на софтверот, со фокус на дигитална етика.
Знам за скептицизмот и загриженоста на повеќето европски земји во врска со екраните, мобилните телефони и технологијата. Нашето општество е поотворено и повеќе е навикнато на користење дигитални алатки и услуги, изјави министерката за образование и истражувања Кристина Калас.
Уште во 1997 година Естонија спроведе иницијатива Тигров скок, кој опфаќаше огромни инвестиции во компјутеризација и дигитална мрежа. Сите училишта беа поврзани на интернет.
Ниту едно училиште во Естонија не забранува користење мобилни уреди. Министерството дало насоки, особено за помладите од 12 и 13 години, кога и како може и треба да се користат мобилни телефони. Училиштата главно бараат од децата да не ги користат за време на одморите, а тие се задолжителни на часовите кога може да помогнат за решавање задачи.
Ова е итно. Се соочуваме со еволутивен предизвик во развојот... Вештачката интелигенција ќе значи крај на пишувањето домашни состави и на стогодишниот модел што бараше паметење и повторување. Сите знаења ќе се проверуваат усмено. Предизвикот е да се развијат повисоки когнитивни вештини кај младите луѓе, бидејќи ВИ може да го прави другото побрзо и подобро, изјави Калас.