Фентанил или 2 милиграмa смрт

Фентанил е џекпотот на сите дроги што некогаш постоеле во човечката цивилизација: евтин е за производство, евтин е за купување, ти прави чуда со мозокот и телото и доволно е моќен за да те издрогира во најминимални количини. Лошото е што 2 милиграми фентанил (отприлика колку четири зрнца сол) можат да убијат човек.

Се работи за тип на дрога што може да те убие само затоа што си ја допрел и за сега го има само или главно во Северна Америка. Како оверување на овој факт нема еден соговорник во документарецот „Inside The Fentanyl Crisis“ што нема да рече „ова ќе те убие“.

Еден од ликовите, документарецот е сниман во Ванкувер, објаснува дека моментално е станато ултра лесно да се купи фентанил во градот, а тоа што е проблем е да се најде хероин, „бидејќи сега сè е фентанил, па и да е хероин и тоа има фентанил во него.“

Друг, дилерот Силвестер, ѓубре од човек, ама па ништо по расипан од другите, ја дава следната математика:

- Купуваш унца фентанил (28,3 грама) од Кина за 350 долари + 50 долари испорака („и следниот ден ти е испорачана на врата“).

- Оваа унца ја преработуваш и добиваш 1.000 грама прашок.

- Прашокот го продаваш меѓу 100 и 120 долари за грам.

„Даваш 400 долари и правиш 100.000 долари,“ Силвестер.

25 мај 2022 - 15:14