Четбот без вештачка интелигенција

Нов хит на интернет е ChatTJB,  четбот без вештачка интелигенција, кој не користи алгоритми ниту се храни со милијарди податоци. Не троши струја и вода од големите дата-центри, не загрозува работни места и живее од повремени донации. Ботот всушност е поранешен инженер од Гугл, кој лично одговара на сите барања. Веќе доби помош од десетина илјади доброволци.

Такер Брајант, 32-годишен поранешен инженер во Гугл го креирал ChatTJB - виртуелен соговорник, кој само визуелно наликува на ботовите со вештачка интелигенција на кои технолошките гиганти од Силициумската долина вложија стотици милијарди долари.

Корисниците пред себе имаат празно поле на кое поставуваат прашање и чекаат одговор. Им одговара Брајант лично, како знае и умее. Ако му бараат да генерира слика од мачка, или две црни мачки што пасат трева на работна маса (конкретно барање) се обидува да ги нацрта.

Луѓето се воодушевени од одговорите. Всушност, интересот за ChatTJB веќе е толку голем, што платформата ја паузираше услугата за нови корисници поради преоптоварување на капацитетот.

За популарноста помогнал и еден единствен билборд во Сан Франциско, за кој Брајант платил 6.000 долари.

„ChatTJB.org: Водечкиот интерфејс за чет, напојуван од ВИ*“, пишува на рекламата, со објаснување со ситни букви дека „ВИ“ всушност значи „вообичаен индивидуалец“.

По објавувањето на билбордот, Брајант добил повеќе од 100.000 прашања. Добивал по 5.000 на час. Почнале да се пријавуваат и доброволци за да му помогнат во одговорите – се собрале 10.000 и по 1.000 нови на ден се на листа за чекање.

Брајант објаснува дека го дизајнирал проектот како форма на протест против „когнитивното предавање“ – тенденцијата на луѓето да се потпираат на совети и одлуки од софтверски апликации без критичко размислување. Корисници на платформата што не знаеле дека разговараат со човек, му барале совети за приватни проблеми, рецепти, предлози за декорации.

Сега речиси и да не одговара на прашањата. Кога го создал проектот не очекувал да заработува, но откако станал популарен почнал да добива понуди. Вели дека со задоволство би прифатил поддршка од партнер кој сака да проектот да стане одржлив.

Стивен Шо, професор од Вортон, објаснува дека ChatTJB го воведува токму она што повеќето автори на ботови со ВИ настојуваат да го елиминираат – отпор, чекање за одговор и субјективно мислење.

Привлечноста на ChatTJB ни кажува дека луѓето сакаат повеќе од инстантни информации. Чекањето и ограничената достапност може дури и да направи одговорите да изгледаат позначајни. ChatTJB функционира бидејќи го враќа човечкиот печат, кој им се отстранува на интерфејсите, вели професорот.

13 август 2026 - 13:17