Неодамна 23-годишник без формално математичко образование со помош од ChatGPT реши еден од „Ердошовите проблеми“ дефинирани пред 80 години од унгарскиот математичар Паул Ердош. OpenAI во мај објави дека нејзин модел со ВИ ја побил „претпоставката за единично растојание“, исто така на Ердош.
Но, математичарите не се согласуваат дека специјализираните модели со ВИ навистина претставуваат револуција во способноста за решавање проблеми што ги мачат математичарите со децении. Група од 150 експерти ја потпишаа Лиденската декларација, во која предупредуваат дека развојот на ВИ ги загрозува основните вредности на математичкиот процес на докажување.
Сегашните автоматизирани техники можат да произведат веродостојни, но несигурни, па и неточни аргументи кои тешко се разликуваат од точните математички докази. Тоа ги загрозува традиционални стандарди за точност, транспарентност и независна проверливост на доказите, тврдат потписниците.
Математичарите предупредуваат дека употребата на ВИ може да стане стимулативна сама по себе, нарушувајќи ги воспоставените механизми за вреднување, признавање и финансирање на истражувањата.
Евалуацијата може да биде загрозена ако резултатите се соопштуваат преку неформални канали, честопати без никаков истражувачки труд или научна евалуација. Во трка по публицитет погрешно се користат специфични математички задачи како метрики за општите капацитети за расудување на комерцијалните производи.
Во процесот на автоматизација може трајно да се изгуби подлабокото разбирање на областа. Доколку не се контролираат, овие трендови одат подалеку од загрозување на автономијата на истражувачите, влијаејќи на обемот и длабочината на самото математичко истражување, наведуваат експертите во Декларацијата.
Тие бараат од надлежните владини тела да воведат низа мерки и ограничувања: заштита на правата на авторите, консултации со експерти од струката наместо со лидери на комерцијални иницијативи, ограничувања за ВИ за јавниот интерес, а не за програми за воени намени, за надгледување на граѓаните, за поткопување на демократијата или ширење дезинформации.
Од математичарите бараат поголема одговорност и транспарентност, задолжително да наведат која алатка со ВИ ја користеле заради поефикасна верификација и да преземат етичка одговорност за својата работа.