Зошто Марта од „Baby Reindeer“ ги завршува мејловите со „Испратено од ајфон“?

Прво, гледавте ли Baby Reindeer? Вистинска приказна е, за еден комичар и жената што ќе се опседне со него. На жената ѝ е дадено фиктивното име Марта. Sирнете, интересно е.

Се среќаваат во бар, каде што работи главниот лик, Дони, кога ќе ја почасти Марта пијачка затоа што му е жал за неа.

Марта се опседнува со идејата дека се „поврзани“ и почнува да му го загорчува животот.

Во тотал, му има испратено 41.071 мејлови, 350 часови гласовни пораки, 744 твитови, 46 пораки на Фејсбук и 106 страни писма.

На Дони веќе не му е сеедно, па проверува и дознава дека Марта е правник, дури и работела за адвокат, но ја отпуштиле затоа што и со претпоставениот била опседната.

Сите мејлови прикажани во серијата се вистински и гледачите имаат забележано еден чуден детаљ. Иако нема Ајфон и често пишува од лаптоп, сите мејлови пешки ги потпишува со Sent from my iPhone.

Психологот Даниел Хејг за ЛадБајбл објаснува на што се должи тоа.

„Нејзините 40.000 мејлови, завршени со лажен потпис сведочат не само за нејзината опсесија со Дони, туку и дека е можно да не е способна да се соочи со новата реалност.

Потписот не е толку за телефонот, туку за тоа што тој го претставува: чувство на припадност на професионална класа на луѓе во свет каде што е почитувана и успешна. Сака да проектира слика на стабилност и нормалност во контраст на животот што го живее.

Потпишување на мејловите со Sent from my iPhone и покрај тоа што нема Ајфон е симболична врска со нејзиниот поранешен статус.

Овој мал, но намерен акт на измама рефлектира длабока потреба да се зачува претходниот идентитет кој е расклопен поради затворската казна. Инсистирањето на фиктивен наратив ги покажува психолошките комплексности на справувањето со еден пад. Демонстрира и до каде може човек да отиде за да задржи некаков привид на претходниот идентитет во очи на драстични животни промени.

Приказната на Марта е сирова илустрација на човечката желба да се биде ценет и покажува до каде одиме за да одржиме една илузија на она што сме биле некогаш.“

Авторот на серијата, Ричард Гад кој е и вистинската жртва на „Марта“, има зборувано за неа и нејзините битки со менталната болест. Во серијата, Марта ќе ја осудат на девет месеци затвор и ќе добие петгодишна забрана за приближување. Гад вели:

„Следењето и малтретирањето е форма на ментална болест. Ќе беше погрешно да ја претставам како чудовиште, затоа што не ѝ е добро, а системот ја има напуштено.“

Во серијата, Дони не го сфаќаат сериозно кога прв пат ќе пријави.

Во реалнсота, на полицијата ѝ требале цели шест години конечно да интервенира.

14 мај 2024 - 00:00