Вратете се назад 20-тина години, ако не и повеќе. Светските таблоиди беа преполни со „истражувачко новинарство“-статии дека Мајкл Џексон нашол начин да си ја избели целата кожа затоа што „сака да биде белец“ - несреќно донесен заклучок затоа што во исто време сѐ повеќе го тенчеше носот. После дојде долгометражно интервју со Опра каде што човекот објасни дека е „горд црнец“ и дека има болест на кожата, тогаш звучеше страшно, сега ни е попознато - витилиго. Таа порцеланска „белина“ веројатно доаѓаше од сто кила пудра секаде каде што се гледаше кожа, за да може да му биде секаде иста боја.
Години покасно се роди Вини Харлоу и сега светот е нов.
Само што, колку поисточно шеташ, толку повеќе се оддалечуваш од нормите што се поставени денес за убавина.
На пример, во Абу Даби во продавница каде што меѓу другото имаше секакви препарати за нега, чистота и убавина, се запрепастив кога видов и цели рафтови со производи за - избелување на кожата. Во Емирати живеат Арапи, Индијци, Филипинци (и други), и на сите нив кожата им е очекувано потемна. Само што, и они гледаат телевизија и нив им е наметнат некој идеал за убавина што несреќно вклучува и - светла кожа.
Некои од производите беа и со слоганчиња и ветувања на амбалажата од тип: „Побела кожа за две недели!“ или „Блеснете со убавина!“ како потемно од бело да не е убаво. И тоа им го кажуваат во лице и никој не гледа навреда.
Стоејќи пред рафтот со производи кои од очигледни причини никогаш нема да ми затребаат, задоена со новиот свет на борци за социјална правда и свет во кои фирми пропаѓаат затоа што не биле внимателни со одредена раса или едноставно, не ја вклучиле, опкружена со луѓе што не ми го разбираат јазикот и без воопшто да морам да се преправам дека сум woke пред некого, се подзамислив: „Не е ова малку... расистички?“
Не реагираат на тоа. Напротив, ги користат нонстоп.
И тоа е проблем, затоа што оваа индустрија, не само што е контроверзна, туку знае да биде и опасна по живот. Се практикува ширум светот и има ужасни контраиндикации.
Од Refinery29 одат баш на Филипини за да дознаат повеќе, затоа што таму е центарот на ова чудо. На почетокот на видеото интервјуираат неколку девојки чија кожа е тотално незабележителна нијанса - во ред, можеби потемна од таа на белата раса, ама... и?!
Ама имаат проблем. Секаде околу нив, преферираат посветли. Да не речам, побели.