Знаци дека имате токсична личност во друштво

Може е другарче од градинка, може е цимерка, ама ако ти текна кој може да е, тогаш може да е токсичен.

Токсичноста варира од човек до човек, но општо гледано, токсичното однесување се манифестира со критикување, контрола, манипулација и вина. На пример, ако другар или другарка постојано ти мрчи што повеќе време поминуваш со семејството, или ти се потсмева за нешта што ти се важни, или прави да се сомневаш во себе.

Едно пријателство станува токсично кога е преплавено со несигурност и станува минско поле на емотивни тригери. Секој човек има свои несигурности, но начинот на кој луѓето управуваат со нив и со несигурностите на другите луѓе е она што го одредува интегритетот на пријателството. Нездрави динамики можат да се појават, каде што се чувствуваме како да сме своја најлоша верзија во нечие присуство, поточно - ако размислуваме премногу за нешто, ако се сомневаме во себе, ако сме претерано самокритични, покритични кон другиот, пореактивни, позатворени.

Во вакви случаи, паметно е да се постават нови граници.

Кај токсичниот пријател, сè е апсолутно. Во токсични односи луѓето и ситуациите се или добри, или лоши, што значи дека не останува простор за грешки, што пак креира срам и дефанзивност. Овде се слушаат фрази како „никогаш не ме слушаш“ или „нонстоп си на телефон“ или „не сум јас крив/а, ти си“. Ако го препознавате ова, тогаш постои нешто што се вика „водење со љубопитност“, со што пријателот што се чувствува повреден се држи за можноста дека можеби другиот реагира на проблемот и го охрабрува да комуницира. Се постигнува со едно обично прашање: „Што правиш?“

Во токсичен однос, едниот се потпира на другиот за сè. Не е здраво затоа што не може едниот да му биде баш сè на другиот. Се разбира дека е во ред да побараш и да очекуваш подршка - за пријателство се работи - но човек мора да знае дека пред сè мора сам да се држи и сам да си одговара на потребите.

Кога границите се нејасни или не се почитуваат, пријателството неминовно страда. Станува токсично кога еден, или двајцата не се третираат како автономна, одвоена личност. Со поставување на адекватни граници, тој што се чувствува повреден комуницира со другиот и ако ова не се почитува, тогаш треба да одлучи како ќе продолжи - дали ќе го заврши разговорот, дали ќе се повлече на одредено време, или ќе процени дали воопшто треба да се вложува понатаму.

Ако извинувањата никогаш не се искрени, тогаш имате работа со токсична личност. Особено кога вие очекувате некој да ви се извини, и магично на крај вие се извинувате. А кога ќе се соочите, другиот магично има проблеми, се карал, се расправал, мајка му и татко му се развеле кога бил мал… Вечната криза е тактика за вртење внимание кон себе и дефинитивно токсична територија.

На граница на гаслајтинг, може да се случи и да се соочите со пријателот за нешто што ви е важно, а тој да ви рече дека претерувате.

Особено голем престап е кога се крши довербата, а покрај тоа, развојот ви е ограничен покрај токсична личност. Нормално е да има конфликти меѓу пријатели, но поважно е да се разберат меѓусебните потреби. Развојот стагнира затоа што заради таа една личност (да се надеваме дека не се повеќе), самиот ти се воздржуваш од нешта што ти се важни, или едноставно те интересираат.

За спас, психолозите советуваат никако да не се спуштаме на нивото на токсичниот пријател. Ако не сакаме да го изгубиме како пријател, тогаш е добро да се фокусираме на фините работи и да се помириме дека не секој другар мора да биде најдобар другар.

И што е најважно, да бидеме свесни дека некои односи едноставно не се поправаат. Може да е многу тешко да се отсече некој од животот, особено некој што долго време ви бил дел од него, но ако влијае токсично - ќе си бидете благодарни во иднина.

30 април 2024 - 00:00