Женска уметност за која не знаеш дали да навиваш

После Марина Абрамовиќ сè е добредојдено, ама овој пат сме на граница.

My Bed

Во 1999-та, кога Трејси Емин го прикажува нејзиниот прљав веш (ама најбуквално) на Turner Prize изложба та во Тејт Британија, поставува нови стандарди за нешто што се вика confessional art. Ама, мора ли баш сите стандарди да се постават?

Ја создава инсталацијата со наслов „Мојот кревет” после долго, непријатно излежавање по лошо раскинување. Кога конечно станала од кревет, го испитала хаосот што го направила. Стуткани хартиени марамчиња, облека исфлекана со менструална крв, цигари, празни шишиња вотка, тест за бременост, лубрикант и кондоми имало околу креветот, што значи дека инсталацијата можела да се вика и „Хорор за секој недолжен цимер.”

И решила дека тоа е уметничко дело.

Прво, целото свое уметничко ѓубре го пренесува во Токио на една изложба во 1998-ма, па го носи во Тејт. Првата награда ја губи заради Стив Меквин, но сепак делото станува медиумска сензација и ја става на уметничката мапа - иако некои критичари, за разлика од нас што не знаеме што да кажеме, отворено го мразат делото (Адријан Серл од Гардијан се служи со зборовите „бескрајно солипсистички, себеопседнат омаж” и на уметницата и се обраќа со „Трејси, досадна си.”)

Кураторот на Тејт во Ливерпул, Дарен Пих го опишува делото како форма на „склопувачка уметност” која речиси личи на место на злостор. Гледачите можат да ги читаат компонентите како детективи кои разгледуваат форензички докази. А сепак, „Мојот кревет” предизвикува и потопли, полични реакции. Останува како една од најизразените претстави за ранливост во современата уметност, еден автопортрет кој не бега од хаотичноста и депресијата што следат после скршено срце. Поточно, им зборува на посетителите кои се пронаоѓаат со нивните сопствени болни искуства.

Tracey Emin, I Rested on You

Родена е во ’63-та во Лондон, расте со мајка и и нејзиниот брат близнак во Маргејт, на југоисточниот брег на Англија. Татко ѝ е преженет и времето го дели меѓу двете семејства. Кога имала седум години, му пропаднал локалниот хотелски бизнис и се мачел финансиски. Нејзиното детство од тешко станало трауматично кога ја силувале на 13 години. Кога имала 18, забременила и абортирала (а втор пат абортирала и кога имала нешто над 20 години). И ваквите проблеми кои ѝ почнале многу рано ѝ послужиле како гориво и инспирација за нејзината работа.

Студира мода на сега веќе затворениот Медвеј колеџ за дизајн во Рочестер, но никогаш не го довршува и се приклучува на Поетите на Медвеј, изведувачка група за панк поезија. Дипломира уметност и магистрира сликање во 1989-та и веќе почнува да се фокусира на градење на нејзината кариера како уметник.

Заедно со колешка, во 1993-та ја отвараат The Shop, привремена галерија во лондонското соседство Бетнал Грин. Sидовите ги исфарбале во магнолија боја за да се разликуваат од традиционалното бело. Не изложувале уметност: наместо тоа, нуделе маици и шолји за кафе кои самите ги правеле, правеле забави, се појавувал и Демијан Хирст и ја зацементирале нивната репутација како основачи на Young British Artists (Млади британски уметници) или YBAs, група која во доцните 1980-ти почнува заеднички да изложува и добива поддршка од колекционерот и галерист Чарлс Сачи, кој всушност им го дал и името. Истата година, Емин создава име за себе со првата соло изложба „Мојата голема ретроспектива 1963-1993”, и од оваа прва изложба се насетува нејзиниот иден стил и тенденција кон confessional уметност.

Tracey Emin, I KNOW I KNOW I KNOW

Ако Емин е дел од еден поголем наратив на ваквиот тип на уметност, особено за дела направени од жени, тогаш историчарката на уметност Лора Лејк Смит ја гледа и како производ на нејзиното време. Емин, според нејзе, создава „автентична неавтентична персона”, а во ’90-ти и 2000-ти, според Смит имало „подем на реалити телевизијата, социјалните мрежи и креирањето на персони на многу лични начини,” алудирајќи на тоа дека делата на Емин не се само автобиографски, туку и перформативни. Во тоа време, Емин креира персона за публика на начин на кој Емтиви креира ликови за The Real World.

И стварно, ако веќе сме принудени на секој ќош да не начекува српско реално шоу со талогот од пропаднатите југословенски простори, што па има да се буниме што некоја жена која е очигледно составена од повеќе нивоа го изложува својот кревет како начин да истакне со што се справува човек после тежок и непријатен настан?

Па, исклучете „Задруга” и дајте тоа вешот.

14 септември 2018 - 15:22