Мозокот е исклучително прилагодлив - таа способност за обликување се нарекува неуропластичност. Проблемот е што заради таа неуропластичност, мозокот знае да се навикне и на она што е лошо за нас, не само на доброто. Има три фактори кои го обликуваат здравјето на мозокот, често без да бидеме свесни, и фала богу може нешто и да направиме во врска со тоа.
1. Информациите што секојдневно ги консумираме
Секој телевизиски формат, вест, подкаст, песна или скролање на социјалните мрежи остава трага. Повторувањето на одреден тип содржини зацврстува одредени мозочни врски - буквално го тренираме мозокот да размислува во одредени обрасци. Особено треба да се внимава на содржините што ги гледаме пред спиење - насилни или драматични медиуми го активираат т.н. симпатички нервен систем, односно, го зголемуваат стресот, што пак може да влијае врз сонот, па и врз когнитивните функции наредниот ден. Решение? Филтрирајте. Отследете сè што нема корист. Сами одберете што ќе влезе во вашиот ментален простор и не препуштајте на алгоритамот да одлучува наместо вас.
2. Луѓето со кои најмногу се дружиме
„Покажи ми ги петте најблиски пријатели, и ќе ти го покажам твојот идентитет.“ Поговорката добива нова димензија кога ќе се земе предвид дека мозокот учи преку имитација - автоматски ги копира обрасците на блиските луѓе. Истражувања покажуваат дека не само однесувањето, туку и срцевиот ритам, говорот, па дури и микробиомот се усогласуваат со луѓето околу нас. Со други зборови - нашето ментално здравје е заразно, и од нас зависи со каква енергија ќе се заразиме. Длабоки и искрени пријателства не се луксуз, туку заштитен фактор за менталното здравје. Ни требаат мали, доверливи кругови наместо широки мрежи без суштина.
3. Средината во која живееме
Кога станува збор за здрав мозок, повеќето луѓе веднаш помислуваат на исхрана, но забораваат на првата и најважна храна за мозокот - кислородот. Квалитетот на воздухот што го вдишуваме директно влијае врз нашата когнитивна функција. Нови истражувања го поврзуваат загадениот воздух со промени во мозочната структура, па дури и со состојби како Алцхајмерова болест. Тоа значи дека секојдневното изложување на загадување не влијае само на белите дробови - туку и на фокусот, меморијата и расположението. Практично решение? Размислете за прочистувач на воздух. Вреди да биде приоритет - луѓето што се разбираат дури и советуваат дека кога пазарите за уредување по дома, поарно прво да се мисли на прочистувач, па на мебел, па сè останато.
Нашиот мозок постојано учи - и тоа од сè околу нас. Секој избор, секоја содржина, секој разговор и секој здив го обликува начинот на кој размислуваме и се чувствуваме. Сепак, не мора да се биде пасивен производ на околината.
Бирајте со што ќе го полните мозокот.