Време е за вистински мажи по реклами

Битката за вистинско претставување на жените во медиумите се води многу долго и дури сега има некакви ситни резултати. Сега (некои од) брендовите и продукциите се фаќаат за жени во секакви форми и величини, и супер е тоа, ама - што правиме со мажите и зошто никој не ги есапи?

Дав на пример многу се потруди со инклузивност, Асос се труди да стави по некоја слика од крупни девојки, Ешли Греам е меѓу најјаките фаци во модната индустрија, сите се трудат да ретушираат фотографии сè помалку… Ама, кај се тука мажите?

Платформата за машко здравје Manual во соработка со модели, активисти за боди имиџ и обични дечки, креира кампања со која на големите брендови им покажува како се прави реклама.

Во серијата фотографии го има првиот крупен манекен во Британија - Бен Витакер, транс-активистот Кени Итан Џонс и Башир Азиз кој има витилиго. Кампањата го означува почетокот на Неделата за подигање на свеста за менталното здравје, чија тема годинава е боди имиџ, а доаѓа како резултат од едно истражување според кое еден од осум возрасни луѓе во В. Британија помислува на самоубиство поради истиот тој боди имиџ.

Според истражување што го прави Manual, повеќе од три четвртини (78%) од мажите се свесни дека било кој од нивните пријатели не изгледа како типичен модел на Жилет - потемнет, свежо избричен Адонис со совршена коцкаста вилица. Во кампањата, отвораат разговор со мажи околу нивниот однос кон сопственото тело. Витакер вели дека не бил отсекогаш самоуверен, бидејќи цело време гледал во слики од мажи „со извајани гради и цврсти стомачни” и тоа му влијаело на менталното здравје додека растел.

„Многу мои другари беа помали од мене, и беа тонирани, а јас бев најкрупен во класот,” вели тој. „Бев депресивен и си мислев ‘вака ли треба да изгледам?’ Но, не постои совршено тело, нема такво нешто, сите тела се уникатни на свој начин.”

Витакер кажува дека му било тешко и кога почнал да губи коса на 21 година.

„Се обидов да го кријам тоа, да трупам средства на глава. И на крај лани ја избричив главата и си реков, ‘доста беше’. Сега сум многу посамоуверен од порано. Не излегувам секогаш со капа и за мене, тоа е голем чекор.”

Џејмс Кинг, исто така учесник во кампањата признава дека имал ужасен однос со сопственото тело.

„Секогаш си го мразев телото и беше баш патешествие да стигнам до каде што сум сега,” вели тој, забележувајќи дека правел свесни напори за да го смени мајндсетот. Открил и дека помага да следиш позитивни луѓе на социјални мрежи.

„Многу е лесно да влезеш во магичен круг на ‘си го мразам телото и никој друг нема да ми го сака’. Морав со сила да се натерам да престанам да го мразам. Да најдам кои делови ги сакам и да си ги истакнувам,” вели тој.

Транс-активистот Кени Џонс вели дека уживањето во теретана му помогнало да ја зголеми самодовербата.

„Кога ја чувствуваш, зрачиш со самодоверба и сите тоа го чувствуваат. Советот за сите ми е, што и да те прави среќен и самоуверен - прави го почесто.”

Азиз вели дека музиката му помогнала да го прифати витилигото.

„Ја знаете песната од Дрејк You only live once? Решив да го послушам и сфатив дека мораш да го правиш она што те прави среќен и да не губиш време сомневајќи се во себе,” вели тој. „Порано, не бев психички добар, но телото ми беше фантастично, само што тоа не ми беше јасно.”

Manual повикува на повеќе разноликост во рекламните кампањи што прикажуваат мажи.

Џорџ Палис, ко-основачот на платформата вели: „Ако гледате мажи само на реклами, веројатно ќе мислите дека сите мажи имаат стомачни, совршена брада и трајно потемнета кожа. Тоа е сосема нереалистично и не рефлектира како вистински изгледа еден маж.”

„Во свет каде што отворањето во однос на менталната и физичката добросостојба е покруцијално од кога и да е, од витална важност е сите да соработуваме и да го дестигматизираме здравјето на мажите и да го подобриме нивото на среќа и здравје на сите мажи во светот.”

19 јули 2019 - 00:36