Нема многу луѓе што ќе се стрчаат да ја бранат модната индустрија, но време е, сепак. Модната и текстилната индустрија вредна 2 трилиони долари и 300-те милиони работници во неа се нападнати од еколози кои инсистираат дека се прави и купува премногу облека, само за кратко време потоа да се фрли. Таканаречената брза мода стана најновиот црн ѓавол наспроти пристојното општество.
Брзата мода им е од голема помош, не само на западните потрошувачи, туку на милијарди во Азија, Латинска Америка и Африка, кои сега можат да си дозволат евтини и современи алишта како што им било незамисливо пред неколку децении - но, ова на критичарите не им паѓа на памет. Човек ќе помисли дека тоа што брзата мода се отвора за масите и достига надвор од светот на високата мода треба да е добра работа. Но, изгледа спектарот на жени од работничката класа што пазарат во Примарк и ХМ не им дава на еко-активистите да спијат навечер.
Неодамна, кинеската ултра-брза-модна компанија Шеин го почувствува ова на своја кожа. Вади илјадници дизајни дневно и продава евтини парчиња преку ТикТок, но имаше проблеми заради наводното претерано производство и создавање отпад. Има и хистерични изјави дека Шеин е закана за американската национална безбедност, затоа што се обидува да „зароби цела генерација млади Американци“.
Според Гринпис, брзата мода експлоатира работници (како да е единствена индустрија што го прави тоа), користи материјали базирани на фосилни горива, пушта микропластики во океаните, фрла непродадени купишта од Чиле до Источна Африка и некако разгорува насилство. Решенијата се типично мизерни, од типот повикување за климатски-свесни градови во кои секој граѓанин ќе може да купи максимум три аутфити до 2050-та.
Непријателскиот став кон брзата мода се базира на предрасуда. Наводно, масите засекогаш ќе биваат прелажани да купуваат евтино изработено ѓубре. Ваквата критика на консумеризмот е стара 60 години, а започната од американски либерали и самата идеја за потрошувачите како едвај повеќе од зависници, како шопахолици за жалење, постои многу децении.
Фразата „брза мода“ прв пат се појави во 1989, кога глобалниот синџир Зара отвори продавница во Њујорк Сити. Во тоа време, цените беа евтини, набавките одеа мазно, а модата не се дискутираше со лудачка, апокалиптична терминологија како денес.
Сега Европската еколошка агенција ѝ има објавено војна на брзата мода. Ни кажуваат дека фокусот треба да биде на безвременски дизајн (бавна мода) за да се контрира на брзо-движечките модни трендови. Сакаат сите копчиња, патенти и други додатоци да можат да се вадат, за да се помогне при рециклирањето, но изразува и загриженост дека зголемувањето на колекциите користени алишта може да охрабри „повеќе конзумирање на нови ресурси, како што потрошувачите ќе ослободуваат простор во нивните гардеробери.“
Кога не се потресуваат за колекциите половна облека, зелените го претеруваат еколошкиот импакт на процесот на производство на брзата мода. Поради боите и плетките, текстилната продукција користи повеќе вода од многу други индустрии. За да направат тон текстил, потребни се 200 тони вода. Оваа статистика доаѓа од многу цитирана студија од 2020, која пак има позајмено од книга издадена во 2015, која пак го цитира Американскиот совет за одбрана на природните ресурси. Сепак, Советот само кажува дека боење и изработка на тон текстил може да загади до 200 тони вода. И за доказ, нејасно алудира на истражувања кои го мерат користењето на природни ресурси во сите индустрии. Нема референци.
Но, какви и проблеми да настануваат со потрошувачката на вода и процесирањето на памукот, можат да се решат преку иновации и економски развој во младите економии каде што брзата мода се произведува (главно истокот и југот на планетата). Диктати од западот не помагаат никому.
Потоа, го имаме и проблемот на фрлањето на облеката. Користената облека често завршува на депониии или се исфрла во земји како Гана. Додека повеќето пластики и микропластики во океаните доаѓаат од фрлени рибарски мрежи - и има сериозни напори да се извадат - многу доаѓа и од облеката што се фрла.
Ова е нешто што може да се реши, веројатно со казни за тие што неетички се ослободуваат од отпад. Во 2018, Кина забрани увоз на отпадни текстили од западот. Но Европската комисија е повознемирена од потрошувачките навики на граѓаните, отколку од фрлање отпад. Бара повисоки цени на облеката за да ги убеди Европјаните да не купуваат.
И можеби најпроблематичното тврдење за брзата мода е количината што ја купуваме. Во 2019, сторија во Тајмс тврдеше дека „евтината мода ја чини Земјата многу“ и дека британскиот потрошувач сега купува 26,7 кг облека годишно. Ова звучи сомнително. Излегува дека многу од научниците што се цитираат не се научници, туку луѓе вработени во маркетинг на дизајн и мода, сите посветени на одржливост. Бројката за потрошувачката на текстил во Велика Британија доаѓа од холандската влада, која пак ја добива од извештај од 2013. Тој извештај веќе го нема на интернет.
Под крстоносната војна против брзата мода има не-баш скриен презир кон потрошувачите кои се портретираат како безумни дронови маѓепсани од алчната индустрија. Во книги и истражувања се тврди дека главна работа на компаниите што произведуваат облека не е да те облечат, туку да те натераат да сакаш уште облека. Дека брзата мода нѐ тера да веруваме дека треба уште да купуваме за да следиме трендови, креирајќи константно чувство на потреба и крајно незадоволство. А во меѓувреме, вработените во секторот се наведуваат како причина за осудување на крајниот производ и луѓето што го купуваат, наместо за повици за поддршка и повисоки плати и подобри услови за работа. Критичарите имаат и еден мизерен, пуритански пристап кон модата општо: „Експертите“ цитирани во Тајмс инсистираат дека потрошувачите треба да почнат да мислат на облеката „како функционален производ, наместо забава и да бидат спремни да плаќаат повисоки цени што ќе го оправдаат еколошкото влијание.“
Пред некое (скоро) време, Фајненшел Тајмс рече дека тоа што модната индустрија се потпира на „константно трошење“ е „слонот во собата“. Но, обвинувањето на масите и „неодговорните“ доставувачи за купување и продавање премногу „евтина“ гардероба „без вкус“ е главниот наратив во модата со години и време е да го оспориме тоа. Нема ништо прогресивно во неудобноста со масовно производство, ниту во оваа опсесија со потрошувачките навики на луѓето. Ни треба побалансирана дебата за модната индустрија. И тоа брзо.