Шиен долго време се соочува (и мука нема) со обвинувања дека имаат нечовечки услови за нивните вработени, кои работат и по 18 часа, а се платени криминално малку. На социјалните мрежи масовно се повикува на бојкот (Шиен никако да пропадне), па во обид за подобар маркетинг и ширење пазар и кај најправичните, Шиен плаќа неколку инфлуенсери чии имиња прв пат ги слушаме за да покаже дека „не е така како што викаат Американците“.
Дани Карбонари, Дестини Судут, Фернанда Стефани Кампузано, Кенија Фримен и Марина Сааведра го посетија „Центарот за иновации“ во Гуангџоу, Кина, како дел од „Шиен 101“, веб-документарна серија која покажува како стојат работите зад кулиси. Иако инфлуенсерите изгледаа задоволни од тоа што го видоа, гледачите имаа проблем со „промоција на пропаганда“ во замена за бесплатно патување и се посомневаа во автентичноста на беспрекорните услови за работење.
Од сите спомнати, само Карбонари јавно реагираше (дека не е пропаганда и дека не знаат што зборуваат и дека нив матичната земја ги храни со лаги, ксенофобија и расизам). Некои гледачи истакнаа дека Шиен намерно експлоатира инфлуенсери од маргинализирани групи, забележувајќи дека сите учесници се не-бели, или плус-сајз. Во инфлуенсерскиот свет важи дека белците добиваат повеќе пари и повеќе можности од другите раси, што би значело дека бесплатно, ол-инклузив патување на спомнатите инфлуенсери им се видело многу привлечно.
На снимките се гледаат многу поинакви услови од тоа што јавноста го има разоткриено за Шиен. Според еден извештај од 2021, работниците во Шиен се открило дека примаат многу ниски плати за 75-часовни работни недели и само еден слободен ден месечно. Освен тоа, има извештаи и дека има принудна работа, нарушување на човекови права и присуство на потенцијално опасни материјали во самата облека.
Компанијата ги отфрла овие тврдења и во изјава за НБЦ, претставник од таму кажа дека се „посветени на транспарентност и ова патување рефлектира само еден начин да се послуша фидбекот, овозможувајќи можност група инфлуенсери да видат како Шиен работи и да го споделат тоа со нивните следачи.“
Информиран корисник има многу добра поента во коментар:
„Облеката на Шиен без сомнение се прави со експлоатирање на работници. Луѓето не разбираат колку човечки труд влегува во изработувањето на облека; трудот е најскапиот дел од производството. Не материјалите, туку трудот. Ако компанијата продава евтина облека, секогаш е тоа резултат на користење евтина работна сила.
Шиен е центар на дискусијава од неколку причини: собира најголем дел од приходот во индустријата за брза мода, истовремено создава огромен дел од светскиот текстилен отпад и знаеме дека работи неетички. Изгледа не можат со маркетинг да се тргнат од тоа. Работата е што, повеќето брендови од кои купуваме, неетички користат евтина работна сила, но бидејќи производите не се безобразно евтини и можат да се извадат со маркетинг, не мислиме на тоа.
Значи иако не е скроз во право, тоа што Карбонари го кажува во видеото не е далеку од вистината; има ксенофобична реторика околу производството на алишта во Кина. Таму е тоа специјализирана индустрија, има технологија и машинерија што ја нема на други места (да речеме машини за плетење со шеми што ги нема во САД). Не е секој труд во Кина неетички искористен. Исто така, не секој труд на запад е етички искористен. Многу „Мејд ин УСА“ парчиња се направени со искористување на затвореници, има многу фабрики со ужасни услови во Лос Анџелес што искористуваат имигранти, итн. Фешн Нова се работи со такви фабрики, на пример. Не можеш да решиш дали нешто е етички изработено само по местото од каде што дошло.“
Видеата од ведрата кинеска фабрика за производство на облека ги има на Јутјуб: