Контакт со реалноста:

Вистинскиот живот на инфлуенсерите и нивниот Инстаграм се два различни света

Онлајн, постовите им светкаат, полни палми, аксесоари и совршени селфиња. А тоа често нема никаква врска со начинот на кој што стварно живеат.

Стои меѓу трски и замислено гледа во далечината - Џордан Банкер изгледа баш како уморен манекен, од глава до пети во црно, во директен контраст со опркужувањето. Уште една слика од кај него го покажува во индустриска атмосфера, со минималистички кафеав мантил, како гледа директно во камера.

Сепак, реалноста за овој 24-годишен дечко е далеку од гламурот на модниот свет. Во пижами, во кревет, и борба со настинка, во домот што го дели со неговите родители во Лестер, Банкер вели дека она што го преставува, со замислени погледи и брендирана облека и она што му е реалност се два различни света, иако првиот свет му има донесено 17.500 следачи.

„Не е сè како што изгледа на Инстаграм,” вели тој. „Луѓето претпоставуваат дека живеам одлично и дека сè ми е дадено. Живеам со моите родители и работам на биро во мојата соба. Немам посебна канцеларија или простор за работа.”

Банкер е дел од растечката популација на микро-инфлуенсери - ликови од социјални мрежи кои, кога се меѓу повисоките кругови можат да заработат и милиони преку рекламирање производи.

Сепак, тие со големите примања се малцинство - тие како Банкер заработуваат значително помалку, иако го држат вниманието на илјадници млади луѓе.

Иако редовно го гледаат облечен во модерна машка гардероба, Банкер заработува скромни 30.000 фунти годишно како фриленсер, од кои повеќето доаѓаат од социјални мрежи, блог-постови и гостувања.

„Скромна плата е, ама многу сум горд на тоа,” признава тој. Наплаќа меѓу 500 и 1000 фунти да промовира бренд на Инстаграм или на блог.

Во меѓувреме, индустријата расте - истражувања на пазарот покажуваат дека вредноста на глобалниот пазар на Инстаграм инфлуенсери ќе стигне до 2,38 милијарди долари во 2019-та.

На почетокот на годинава, многу славни личности, како Алекса Чанг и Ели Гулдинг рекоа дека ќе се залагаат да се смени начинот на кој ѕвездите прикажуваат производи, без притоа да се изјаснат дека компанијата ги наградила на некој начин.

И ова ќе важи за големите инфлуенсери - малите имаат уште фурни леб за јадење. Емили Лавинија има на пример, слики од нов рачен часовник или фризура и прва си кажува дека нејзината онлајн персон не ја рефлектира реалноста.

„Погламурозно и посредено е отколку што сум јас, најверојатно,” вели таа. „Всушност имам синдром на натрапник и не се гордеам толку. Се обидувам да прикажам дека имам неверојатна самодоверба - тоа ми помага да дојдам до кај што сум и плус ги тера луѓето да ми веруваат. А често нема никаква врска со реалноста.”

Живее во стан со една спална, во централен Лондон и покажува ствари што ѝ се подарени, и пишува за технологија, секс, убавина и здравје на нејзиниот блог.

„Имам Гугл Хоум, свеќи од некои брендови, сè во кујната ми е подарено, имам златно-розеви садови, фиоки со здрава храна и протеински прашоци. Добивам и спа-третмани; не ми текнува кога последен пат сум платила за козметичар или фризер. Сепак, се обидувам да бидам дарежлива и да поделам во добротворни цели и по пријатели.”

Во февруари ѝ дале производи во вредност од 2000 фунти. „Имам многу среќа. Но не би сакала луѓето да мислат дека нешто ми се дава само онака. Си го заработив.”

Блогирањето ѝ е втора работа, и ја работи во исто време со еден бренд на кожни клиники. Поминува неколку часа на ден ажурирајќи социјални мрежи и заработува од 250 до 500 фунти по објава.

„Ако еден инфлуенсер работи многу, посветува часови и работи на нетворкинг и креативност за инспиративна содржина, може да се исплати,” вели Едвард Ист, извршен директор и основач на маркетинг агенција за инфлуенсери со име Billion Dollar Boy. „Се разбира, колку поголеми бројки и колку повеќе engagement, толку повеќе ќе заработиш.”

Според Ист, микро-инфлуенсерите со околу 10.000 следачи можат да добијат околу 250 фунти за да претстават бренд во Инстаграм пост, а тие со 10 пати повеќе следачи можат да добијат околу 800.

Со 30.000 месечни прегледи и комбинирана бројка на следачи од околу 70.000 на сите друштвени платформи, Ана Силва О’Рајли со својот патувачки блог заработува околу 75.000 фунти годишно - што е многу здрав извор на приход освен нејзината работа. „За повеќето луѓе ова е цела плата, но јас веќе заработувам шест цифри како консултант за маркетинг. Не би сакала да ги зголемам примањата од блогот затоа што така ќе морам да правам компромиси,” вели таа. Селективна е околу брендовите со кои работи. „Одбивам 90% од понудите. Работам со брендови кои секако ги користам.”

Има на пример, партнерство со туристичкиот одбор „Посети ја Калифорнија”, што значи правење видеа и блог-постови за време на тринеделно патување во Палм Спрингс, Беверли Хилс и Њупорт Бич. Ваквите кампањи можат да и донесат 5000 до 1000 фунти.

Друг блогер, Мајк Аспинал од The Crafty Gentleman, кој добива 10.000 прегледи месечно, на Инстаграм има 4730 следачи - заработува екстра 10.000 фунти годишно. Живее во Нотингам и работи дигитален маркетинг, на блогот поминува околу 15 часа неделно и работи со спонзорирани постови, со тоа што производот ќе го стави во пост каде што нешто изработува. Наплаќа од 250 до 350 фунти и ова го прави два пати месечно.

„Луѓето често знаат да видат блогер и да мислат дека животот му е фин и спремен за Пинтерест како и содржината што ја објавува. За секој мој блог-туторијал јас со недели се спремам со мејлови, истражување, планирање и изработка,” вели Аспинал.

Перцепцијата дека блогирањето е едноставно покажување пред камера и кликање неколку пати, е нешто што микро-инфлуенсерите сакаат да прекине. Сепак, индустријата што никна од никаде може да исчезне речиси со иста брзина со која се има појавено.

Луси Грин, аналитичар на потрошувачко однесување од една њујоршка консултантска фирма вели дека потрошувачите полека се уморуваат од ваквиот начин на внимателно кроење на фидот.

„Веќе се забележува освестеност за начинот на кои социјалните мрежи и инфлуенсерите влијаат на менталното здравје, од страв дека ќе пропуштиш нешто, до предизвикување на компулсивно, зависно консумирање, до чувство на изолација. Брендовите исто така се повлекуваат од мрачниот и нерегулиран свет на инфлуенсерите - големите брендови и групации како Унилевер веќе се и отворени по прашање доверба во инфлуенсери.”

20 март 2019 - 01:30