
Пишува: Никол Роуз Витакер за Њујоркер
Оставање садови во мијалникот
Твојата способност да си го искомплицираш животот е ненадминлива. Ако постои лесно решение - не лесно, туку болно очигледно - ти решаваш дека, сигурно не е толку едноставно и дека е најдобро работите да „отстојат“ неколку дена. И додека да се навратиш, „работата“ стварно се претвора во она гадно нешто што си го замислил, натопено во смрдлива кал од неодлучност и одложување (и, буквално) храна што се распаѓа. До моментот кога конечно ќе се подготвиш да преземеш што било, некој друг веќе дошол и исчистил - што, реално изгледа ти била целта уште од самиот старт.
Трупање неотворена пошта
Може да си од оние луѓе што не проверуваат пораки затоа што тоа ги прави анксиозни. Имаш изразен страв од непознатото и си минимално опремен за снаоѓање во возрасниот живот. Како и Оставачот на садови, избегнуваш носење одлуки, но наместо да ги признаеш проблемите и да го одложиш нивното решавање, ти целосно го одложуваш нивното препознавање - сè додека не снемаш избор. Зашто, нели, немаш на маса место ни каде да ставиш чинија да јадеш. Освен тоа, ако сметка е пратена по пошта, а нема кој да ја отвори, дали таа воопшто постои?
Оставање кујнски елементи отворени
Ти како човек си половина храброст - половина страв. Доволно храбар да започнеш каква било задача што ќе ти падне на памет, но премногу уплашен за да завршиш барем еден проект. Не ти се допаѓа идејата дека ако една врата се затвори, друга се отвора затоа што плашејќи се дека ќе донесеш погрешна одлука и ќе пропуштиш можности, ги оставаш сите подотворени. Животот ти го доминира фразата „што ако“, и веројатно никогаш нема да научиш да преземаш конечна акција - барем не додека не си ја удриш главата од вратичката од кујнскиот елемент.

Оставање еден залак или една голтка
Алчен? Не. Самобендисан и слободоумен? Без сомнение. Оставаш лажица пудинг во чинијата и голтка сок во шишето затоа што си премногу зафатен со сопствениот живот за да размислуваш за некој друг. Забавен си до бесвест затоа што живееш во моментот, но кога ќе се соочиш со несреќните последици од твоите постапки, велиш: „Не е мој проблем“, иако, пријателе, ти си проблемот на сите околу тебе.
„Бришење“ со нога и дезинфекциско марамче
Ти си визионер кој живее според начелото „Мора да има подобар начин“. И тој начин е твојот начин. Твојата неконтролирана и неоснована самодоверба ти помага да откриваш нови патишта, дури и кога тие се веќе напуштени од други - со добра причина. Затоа што те мрзи, подготвен си да ризикуваш физичка повреда додека ги спроведуваш твоите креативни, но мрзеливи стратегии, затоа што не може пластичен џогер да е попаметен од твојата од Бога дадена нога со дезинфекциско марамче под стапалото. Без разлика што веќе те болат мускулите.
Чување остатоци во фрижидер и по рокот на употребливост
Да не ситничариме со мувлосан џем - имаш сериозни проблеми со идејата за одвојување и напуштање, поради кои се држиш за сè живо. Вечен угодувач си, се плашиш да фрлиш нешто што можеби има потенцијал, затоа што, нели, сè ќе биде во ред ако само почекаш уште малку и додадеш малку зачинета сол. Нема да биде.
Лекцијата е речиси научена.