„Следниот пат кога ќе ве нападне синдром на натрапник, само вдишете длабоко и нека ви текне дека „Емили во Париз“ има две номинации за Златен глобус.“
Од прилика, во овој правец се движат реакциите на Твитер по веста дека „Емили во Париз“ е номинирана дури два пати - за Најдобра серија-комедија, и за Најдобра актерка - Лили Колинс.
Твитер избезумен. Како социјална мрежа најосвестена за потребата на водење социо-културолошки битки од тастатура, негодуваат за неправдата што поради ова ја трпат серии како I May Destroy You на Микејла Коел и Insecure, на Иса Реј.
Инаку, како што пишувавме, „Емили“ беше доста изрешетана од критики кога излезе, заради повеќе работи, меѓу другото и за отсуството на развој на главниот лик, костимите на Патирша Филд („Сексот и градот“), а во интервју за Вог Арабија, Колинс има изјавено,
„Без разлика што понекогаш обесхрабруваат овие написи, сепак е и еден вид подарок: ти се дозволува да се подобриш.“
Лукас Браво, кој го глумеше Габриел во серијата исто така има реакција за проблемите, со тоа што се согласува со луѓето што тврдат дека се прикажува еден привилегиран поглед на градот.
„На некој начин се во право,“ изјави за Космополитен. „Играме клишеа и само еден поглед на Париз. Париз е еден од најшарените градови во светот. Имаме толку многу начини на размислување, толку различни националности, толку различни соседства. Цел еден живот не би бил доволен за да дознаеш сѐ што се случува во Париз.“
Дарен Стар вели дека ништо не би променил во серијата, без разлика на реакциите. „Серијата е љубовно писмо до Париз низ очите на една Американка што никогаш претходно не била таму. Првото нешто што го гледаме се клишеата затоа што нејзина е гледната точка,“ вели тој за Холивуд Репортер. „Не ми е жал што го гледам Париз низ гламурозна леќа. Прекрасен град е и сакав да направам серија што го слави тој дел од Париз.“