Накратко и најпросто: синдромот на натрапник е кога мислиш дека што и да правиш (а те бива и те фалат), секој момент ќе откријат дека не те бива и ќе сфатат дека се преправаш.
Можноста за успех им ја препуштаме на другите, затоа што себеси воопшто не си личиме на тој тип на луѓе што ги фалат околу нас. Соочени со можноста за престиж, за кратко стануваме убедени дека сме едноставно натрапници, како актер во улога на пилот, што ја носи униформата и кажува стручни термини без воопшто да има поим како да го вклучи моторот. Ни се чини полесно да не се ни обидеме. Коренот на синдромот на натрапник лежи во крајно штетната слика за тоа какви се другите луѓе. Се чувствуваме како натрапници не затоа што имаме уникатни недостатоци, туку затоа што немаме капацитет да замислиме колку се длабоки недостатоците на сите останати зад нивната исполирана надворешност.
Овој синдром влече корен од детството - поточно во перцепцијата на децата за тоа колку се родителите поинакви од нив. За четиригодишно дете е неразбирливо дека мајка му била на негова возраст и не знаела да вози кола, или да му каже на водоводџијата што да прави, или да одлучува кој кога ќе си легне, или да се качува на авиони со колеги. Разликата во статусот изгледа апсолутна и непремостлива. Омилените работи на детето - да скока на кревет, да јаде чоколадо - немаат врска со тие на возрасните, кои сакаат да седат на маса и разговараат со часови (а можат за тоа време да трчаат надвор!) и да пијат пиво што има вкус на зарѓан метал.
Животот го почнуваме со многу силен впечаток дека другите луѓе - особено оние компетентните, за восхит - воопшто не се како нас. Ова искуство од детството доловува една базична карактеристика на човечката состојба - себеси се познаваме однатре, но другите ги познаваме само однадвор. Постојано сме свесни за сопствените анксиозности, сомнежи и недостатоци. Истовремено, сѐ што знаеме за другите е тоа што гледаме дека го прават и тоа што ни го кажуваат - далеку потесен и поскроен извор на информации. Често сме оставени да заклучиме дека сигурно сме на полошиот крај на човечката природа.
А не е така. Едноставно не ни успева да замислиме дека другите се барем еднакво пореметени како нас.
И без да знаеме што точно го мачи и го потресува однадвор импресивниот човек, можеме да бидеме сигурни дека нешто има. Може да не знаеме за што жали, но сигурно поминува низ некаква агонија. Нема да знаеме да кажеме каква точно сексуална перверзија го опседнува, но ќе има. А ова треба да ни биде јасно, бидејќи ранливоста и компулсивноста не ни се случуваат само и единствено на нас, туку се универзални карактеристики на човечкиот ментален склоп.
Решението за овој синдром лежи во една круцијална работа - верба, дека умовите на другите работат на истиот начин како нашиот. Секој е сигурно нервозен и несигурен како нас.
Една од задачите што ги имаат уметничките дела е верно да ни ги доближат умовите на луѓето на кои им се плашиме, и да ни ги покажат просечните, замаглени и нервозни искуства што ги имаат. На тој начин ќе можеме да разбереме дека нашата ранливост не треба да нѐ спречува да го правиме тоа што тие го прават. Кога би биле во нивна кожа, не би биле натрапници, едноставно би биле нормални.
Да се замисли какви се навистина другите луѓе, помага да се очовечи светот. Значи дека секогаш кога ќе сретнеме непознат - не е непознат - бидејќи и покрај тоа што површината и надворешноста го покажуваат спротивното - тој е во основа како нас, што значи дека ништо фундаментално не стои меѓу нас и можноста за одговорност, успех и исполнетост.