Шеин ќе плати милион евра казна за „еколошката“ колекција

По низа обвинувања - од кражба на авторски права и прекршување на патенти, до непочитување на стандардите за пристапност, па дури и рекетарство - модниот гигант Шеин сега се соочува и со казна за „greenwashing“.

Италијанската агенција за заштита на конкуренцијата (AGCM) изрече парична казна од 1 милион евра против брендот, поради, како што наведуваат, „нејасни, генерализирани и/или претерани, а во некои случаи и погрешни или фалични“ тврдења во врска со колекцијата „evoluSHEIN by design“. Линијата беше промовирана како одржлива мода, со тврдења дека користи „ткаенини од други брендови што инаку би завршиле на депонија или во инцинератор“.

Според агенцијата, ваквите изјави за рециклабилност се „неточни или во најмала рака збунувачки“, оставајќи впечаток дека производите на Шеин се целосно рециклирани и направени само од одржливи материјали - што „не одговара на реалноста“.

Дополнително, Шеин е обвинет за „заведувачка комуникациска стратегија“ во однос на влијанието врз животната средина. Иако брендот тврди дека ќе ги намали емисиите на стакленички гасови за 25% до 2030 година, италијанските власти посочуваат дека емисиите на Шеин всушност се зголемиле од 2023 наваму.

Како одговор, од Шеин соопштија дека ги „засилиле внатрешните процеси на проверка“ и ја уредиле својата веб-страница за сите еколошки тврдења да бидат „јасни, проверливи и во согласност со регулативите“.

Ова е втор пат за само еден месец европска држава да го казни брендот за гринвошинг – минатиот месец Франција изрече рекордна казна од 40 милиони евра.


Види и: Што значи „greenwashing“ и како стои со модниот свет?

5 август 2025 - 07:51