Идејата е дека лакирање со црно (а за чудо, многу девојки за време на трендов ПРВ ПАТ ставаат црн лак) е инстант вбризгување на самодоверба „каква што имаат некои опасни девојки“. Се оди до таму да се објаснува дека со црниот лак на жените им се дава можност да им стане удобно во сопствената кожа и изборите што ги прават, а притоа да не дозволат никој (најчесто мажи) тоа да им го уништи.
И тоа е така, ама 2024 сме? Дури сега се открива црн лак? Или некои од нас живеат во бабл во кој што сè е дозволено и ги игнорираат ограничувањата на надворешниот (моден) свет?
Според некои следачи на трендови, црните нокти се меѓу најлесните начини да се додаде малку „еџ“ и софистицираност во изгледот, дури и да не сте навикнати на темни бои. И потоа, допрва се учат дека некои црни лакови се полупроѕирни, некои се со светки, а некои се комплетно мат и нудат избори што најверојатно уште на почеток на годината ќе ѝ дадат дополнителен буст на индустријата за нега на нокти.
Сепак, на толку филозофирање, фер е да се размисли: И локално, црниот лак се сметал за „храбар“, и не им е прв избор на жени што сакаат да остават впечаток на пристојност. А ако нешто сме научиле од времето во кое живееме, ТикТок е трендсетер и барометар, па можеби ќе се мавнеме од глупите филозофии дека „црн лак не е за на работа“ и е за „таму некои алтернативни групи на луѓе“.