Бибиси пишува за една жена, Керолајн, која додека растела се замислувала опкружена со деца. Сега, во нејзините 50-ти, токму така ѝ излегол животот, со тоа што не до крај како што замислувала. Иако „не била во положба каде што имало смисла“ самата да има деца, Керолајн е горда и многу инволвирана тетка на осум внуци.
„Понекогаш знам да кажам дека моите браќа се размножиле многу успешно во мое име,“ се шегува Керолајн, која работи како форензички психолог и живее во Шорам-бај-си во јужна Англија. „Ги имам сите овие прекрасни деца со кои навистина уживам, а не морав да раѓам и да не спијам.“
Керолајн, чие презиме е изоставено за да се заштити приватноста на децата, ужива во времето поминато со внуците и чувствува дека преку нив е поврзана со следната генерација.
За нејзе, да се биде тетка не е утешна награда, туку бонус, а нејзиното прифаќање на улогата го гледа како отпор кон острата промоција на мајчинството и посакува повеќе жени да бидат свесни дека да се биде „само тетка“ е „сосема валиден избор“.
Тетката без деца отсекогаш била фасцинација во културата и литературата. Дали е тоа грижливата тетка што го прифаќа сирачето Питер во „Спајдермен“, дали е огорчената тетка Лидија во „Приказната за слугинката“ - тетката секогаш е илустрирана како нешто „поинакво“. Многу пати се прикажува како втората најдобра опција по мајчинството, или како поучна приказна за жени што оперираат надвор од мејнстрим-очекувањата за она што жените „треба“ да бидат.
Патриша Сотирин, професорка по комуникации на Технолошкиот универзитет во Мичиген вели дека е недостаток на јазикот што немаме доволно значаен начин да опишеме жена која прави позитивен избор да биде тетка наместо мајка. Сотирин, која има две книги за тетките во културата и општеството, расправа дека тетките сè уште не добиваат ни почит ни препознавање колку што заслужуваат за нивната важност во нашите животи.
Не е тајна дека развиениот свет минува низ демографска промена која го принудува општеството одново да размисли за традиционалните очекувања за семејството. Сè повеќе ги напуштаат плодните години без имаат родено. Во Велика Британија во 2019, 49% од жените родени во 1989 стигнале до 30-тата година без да родат. Во САД во 2018, повеќе од една во седум жени меѓу 40 и 44 немала дете, а едно поскорешно истражување покажува растечки бројки на Американци меѓу 18 и 49 години кои не очекуваат некогаш да имаат деца.
А сепак, признавањето на овие општествени промени заостанува; политиките, медиумите и традициите сè уште се движат околу класичното семејство. Социолозите Ванеса Меј од Манчестер и Кинерет Лахад од Тел Авив велат дека ова истовремено значи дека тетките - и вујковците/чичковците - се игнорираат во академските истражувања. Општествено гледано, улогата е главно недефинирана. За разлика од „строгите улоги и очекувања“ за мајките, не постојат „прирачници и правила“ за тетки, како што вели Лахад. Според тоа, иако улогата варира низ културите, тетките се слободни самите да ги дефинираат семејните врски и одговорности.
Кога Лахад и Меј почнале да истражуваат како современите тетки се движат низ нивните небулозни и комплицирани места во семејствата и општеството, откриваат дека има многу малку достапни податоци. Еден добар извор биле советите напишани на сајтот Savvy Auntie, кој себеси се нарекува „прва заедница за тетки“, а го води Мелани Ноткин, која во 2008 лансирала храбар обид да ја редефинира современата тетка.
Ноткин сега има 52 години и вели дека додека чекала да има деца што никогаш не ни дошле, открила дека внуците ѝ станале „центар на животот“. И не е само таа; сè повеќе нејзини пријателки решавале да немаат деца, но, кога се среќеавале, разговорот често го доминирале внуци. Потоа, почнала да истражува како жени со кариера и без деца се претставени во медиумите и рекламите. Во ретките моменти кога ги имало, забележала дека се „стереотипно и не баш позитивно“ претставени - како на филм кога имаме ладна кариеристка, или неодговорна жена што оди од журка на журка.
Со кариера во маркетинг, Ноткин го искористила бизнис-потенцијалот на овој момент, и го лансирала сопственото ребрендирање како тетка. Го смислува акронимот PANK: Professional Aunt No Kids. Сака да опише добро образувани, богати жени што ги познава, кои поради избор или одредени услови не се виделе во улога на мајки, но сепак ги обожавале децата на браќата, сестрите или пријателите и биле спремни да им даваат и пари и внимание.
Со тек на време, Ноткин го претвора концептот за Панк во бренд, пишува две книги и го пушта сајтот, со форум за совети за тетки, заедно со рецензии за подароци и водичи како да се помине квалитетно време со децата. Но, она што за нејзе почнало како комерцијален потег, почнува да добива подлабоко значење откако сфаќа дека во животот на тетка без деца лежи моќ и дека тоа влијае на многу жени.
Преку интеракции на сајтот, Ноткин открива дека ребрендирањето на безумниот концепт „стара мома без деца“ одеднаш им се наоѓа на многу тетки. Се сеќава на жена што ѝ пишала за да ѝ каже дека се мачела со неплодност и длабока завист за сестра ѝ што имала дете. И ѝ рекла,
„Сакам да знаеш дека заради твојата работа, сега се гледам на поинаков начин. Ми помогна да сфатам дека можеби сега немам дете… Но, играм значајна мајчинска улога.“
Бидејќи тетките не се оптоварени од улога дефинирана од социјалните притисоци на родителите, имаат повеќе слобода да се придвижат во други насоки, и да покажат што друго може да се биде; можат да преземат нормативна мајчинска улога ако изберат така, или да нѐ ослободат од идејата за семејните односи што нѐ заробува. За Сотирин, тетките, без разлика дали се мајки, „го водат патот во однос на фрлање светло не само врз она што жените можат да станат, туку и на начинот на кој фамилиите можат да се променат и она што значи да се биде дел од заедница.
Иако Керолајн признава дека за некои жени, немањето деца може да е многу болно, вели дека би имала многу робусен одговор ако некој ја праша дали сака да биде „само“ тетка.
„Би рекла дека ако ме погледнат мене, мојот животен стил и мојот однос со децата, не би чувствувале сожалување,“ вели таа. „Би рекла дека треба и да им го промовираме ова малку повеќе на жените, како навистина позитивен избор.“