Било која друга вечер, таму можел да се најде млад Жан-Мишел Баскијат, или Кит Херинг како дел од неговите живи настапи, а кога Боуви слушнал за него - за музичкиот вонземјанин што прави лом по Ист Вилиџ, не му требало многу време да среди да се сретнат и веднаш да почнат да разменуваат идеи како да биле во бенд со години. Вечерта кога Клаус прв пат се појавува на телевизија во 1979 како пратечки вокал на Боуви за СНЛ, њујоршката супкултура на одметници гледа без да дише бидејќи еден од нивните конечно е на пат да успее на големо и да стане меѓународна ѕвезда. Но, некако, еве сме, четириесет години подоцна, допрва ги откриваме трагите на еден заборавен уметник, запамтен само како еднократен пратечки вокал на Боуви.
Клаус има пораснато во западен Берлин, а научил да пее со албумите на Марија Калас, имитирајќи го нејзиниот сопран (во истата октава). Додека останатите го слушаат Елвис на радио, Клаус пее арии во драг, во локалните геј-клубови. Се инспирирал од новиот рокенрол звук, но сакал да биде и Марија Калас и Елвис. После неколку години работа како редар во операта, каде што вежбал со другите редари меѓу претстави, се преселил во Њујорк во 1972, по еден Американец во кој се вљубил. Си наоѓа дом меѓу аутсајдерите во Ист Вилиџ; па друштво за играње меѓу уметнички настроените мизантропи, анархисти, егзибиционисти, квир-лица, поети, бељаџии и сѐ што било измеѓу. Токму таму, така затворен по природа, можел да блесне.
Му требале неколку години, но успеал да остави печат на уметничката сцена во 1978, кога извел интерпретација на арија од Самсон и Далила на настан насловен како „Њу Вејв Водвиљ“, облечен како вселенски човек, во тесен костим и проѕирна пластична наметка. Драг-уметникот Џои Аријас, кој подоцна настапува со Боуви заедно со него, се сеќава на првата вечер кога сведочел како Клаус ја фрапира публиката до општа тишина:
„Сѐ уште ме лазат морници кога ќе помислам… Како да беше од друга планета и родителите го викаат дома. Кога се расчисти чадот, го немаше.“
Муабетот за ретро-футуристот се раширил брзо, и за кратко време Клаус Номи се појавува во повеќе клубови низ Њујорк, привлекувајќи публика колку и свирките на Блонди во CBGB. На сцена што веќе била преплавена со чудесен, ексцентричен талент, Клаус имал њу вејв точки што не личеле на ништо друго од тоа време. Стаписаната публика не можела ни да верува дека тој глас излегува од човек облечен како диско-вонземјанин и дека не се работи за електронска снимка.
„Може и треба да изгледам што е можно повонземски, бидејќи тоа ја потврдува поентата што сакам да ја постигнам. На сè пристапувам како апсолутен аутсајдер. Само така можам да скршам многу правила. Сетете се, мојата позадина е сосема чудна - германска класична опера. Па, бев несигурен како да дојдам од таму до рок. Еднакво шокантно ми беше да пеам опера во фалсето во Германија. Тоа беше уште едно правило што го кршев. Тоа едноставно не се правеше. А ми помага фактот што попот и рокот, за кои се мисли дека немаат никакви правила, се исто толку конзервативни колку класичната музика. Па, тоа што го правам е двоен шок. Разликата е во тоа што панк-публиката се воодушевува што можам да ја шокирам. Ништо не ми е свето мене. Кој всушност, ги прави правилата?“
-Клаус Номи
Во една снимка за француска телевизија во 1982, Номи ја изведува една од неговите најрани поп-опери, „Номи Сонг“, за на крај да добие збунет и неентузијастичен аплауз од публиката. Мејнстрим светот едноставно не бил спремен за него.
Истата година, му ја дијагностицираат болеста што во тоа време медиумите уште ја викаат „Геј-чума“. Продолжил да настапува и во последните месеци од животот, облечен во облека со барок-крагна за да ги сокрие лезиите на кожата на вратот. Бил една од првите жртви на СИДА меѓу геј-музичарите од сцената на Ист Вилиџ. Едвај неколку пријатели, ако воопшто ги имало го посетувале во болница - сите биле преплашени дека ќе се заразат од „мистериозната“ болест. Клаус Номи умира сам во август, 1983, на 39-годишна возраст како резултат на компликации од СИДА.
Неговата естетика оттогаш често се појавува на модни писти (особено Балман 2013), а неговиот звук се повторува во електронската музика од раните 2000-ти. Имал инстинкт за мешање на стилови, ја отелотворувал самата дефиниција на camp, која има направено цел круг за да стигне до трендовите во поп-културата денес. И веројатно не може ни да се опише какво влијание Клаус Номи би имал на музиката и поп-културата доколку би продолжил да живее.
Има и документарец од 2004, каде што музичарот Кристијан Хофман, кој има напишано многу од неговите најпознати песни зборува за него „од некоја далечна галаксија“.
Вака на исчитано, веројатно ви е јасно дека насловот не е фер. Ако сме фер, ќе биде „Сеќавање на Клаус Номи - еден од највпечатливите изведувачи што њујоршката алтернативна сцена ги има видено“.