Суви раце во време на корона

Дај боже во целава пандемија на корона, паника и страв, сувите раце (од многу миење) да ви се единствен проблем.

За тие што спаѓаат во оваа ранлива категорија, доаѓаат совети од експерти.

Веројатно веќе се мачите со испукана кожа на рацете од миење со жешка вода и сапун на песна по избор, а да не ни спомнуваме што прави алкохолот од средствата за дезинфекција.

Но, дали е во ред да се користи крема за раце по миењето или повторно ќе ви ги контаминира рацете со патогени?

„Нема проблем во однос на кремите за раце,“ вели Д-р Линдзи Бродбент од Центарот за инфекции и имунитет на Кралскиот универзитет во Белфаст. „Се додека ви се убаво исушени рацете пред да нанесете, во ред е.“ Советува луѓето да си носат сопствени туби со себе, за поголема безбедност. „Најдобро е да не делите затоа што не знаете дали другиот миел раце пред да го допре пакувањето.“ Кога нанесувате, шприцнете на горниот дел на дланката без да ја допирате пластиката. „Коронавирусот нема да преживee долго во кремата за раце, ама заради хигиена, не го допирајте отворот затоа што ќе преживеат бактерии и габи,“ вели Бродбент.

Ако рацете ви се испукани до болка и немате крема со себе, во ред е да користите и заеднички лосион за раце (на работа, или кај и да е достапен), ама да не го допирате апликаторот. „Измијте ги рацете, земете хартиена крпа и со нејзе притиснете го диспензерот, за да не го допирате со голи раце,“ вели Д-р Стивен Грифин од Одделот за вирална онкологија и антивирусни терапии на Универзитетот во Лидс.

Грифин исто така објаснува дека кремите за раце се добра идеја затоа што ако спречите рацете да ви испукаат, па и да ви крварат, помалку сте подложни на инфекции. „Прва бариера за бактерии ви е кожата.“

13 март 2020 - 13:43