Суровите правила на „класното облекување“

Хиперпопуларните серии како The Perfect Couple и Industry одново го дефинираат начинот на кој го замислуваме луксузот.

Колку е всушност богато семејството Винбери од The Perfect Couple? Одговорот лежи во гардеробата на Грир, маестрално доловена во изведба на Никол Кидман. Таа носи кашмир во нијанси на кафе со млеко, седефно-свиленкасти блузи и безгрешно бели сатенски панталони - сè вришти од „тивок луксуз“. Данската костимографка Сигне Сејлунд која ги има бирано овие работи за серијата The Undoing, исто така со Никол Кидман, го има ова одлично објаснето:

„Колку повеќе светли бои носите, толку е покомплицирано да ги одржувате. А тоа е начин да се покаже дека не мораш да се грижиш за флеки или што било друго.“

И добро, Грир изгледа сјајно - но никогаш удобно или природно. Ова е во енормен контраст со нејзиниот сопруг, Таг Винбери кој се шетка во дизајнерски фармерки и избледени кошули во куќата што неговото семејство ја поседува со генерации. Главно е уредена со сина и бела боја, од тапети и ткаенини за украсни перничиња, па до сетот за чај и шишето за вода.

Џена Ламија, една од продуцентките на серијата вели дека одлучила да го прикаже богатството вистински.

„Што значи дека луѓето би возеле стари Сааб-и со песок на подот, а не потполно нови мерцедеси, и би носеле чевли што ги оставаат таму на островот и ги носат секое лето. Богатството на Нантакет не е нападно,“ објаснува таа.

Сите тие фусноти на престижот се она што ја заокружува приказната - малите нешта што сите ги кажуваат, а никој не изговара ни збор на таа тема, како да не се ни мислат, туку само се материјализираат во својот раскош.

Долго пред да влезат Кардашијан во секоја куќа, со поп-културата владееше едно друго семејство - Керингтон од „Династија“. Имале неделен буџет за гардероба од 35.000 долари, а фамозниот Нолан Милер дизајнирал околу 3000 комбинации за серијата што се прикажуваше од 1981 до 1989 година. И рекол,

„Никогаш не сакам да ги видам во истата облека два пати.“

За дизајните има добиено „Еми“ во 1984 и ги идолизирал Барбара Стенвик, Бети Дејвис и Џоан Крафорд, чии филмови ги гледал како бегство од реалноста додека растел како сиромашно дете во Тексас и Луизијана за време на Големата депресија. На крај, дизајнирал за сите нив, а Алексис ја моделирал по Крафорд, која ја облекувал 20 години.

„Сѐ одговара: Оделото, шеширите, ракавиците, накитот,“ има кажано. „Кога оди низ ходник, може не знаете која е, но знаете дека е богата и знаете дека е подобро да ѝ се тргнете од патот.“

30 септември 2024 - 21:56