Со инфлуенсерите се претера, време е да се вратат лабавите

Ви текнува на едно поедноставно време, кога Инстаграм имаше само ручеци и зајдисонца, и такви некои работи? И колку беше поинакво од денешното скролање и гледање внимателно уредени лајфстајл авантури, професионални достигнувања и јавно колнење дека „ќе поминувам помалку време на социјални мрежи”, најчесто од луѓе што заработуваат од социјални мрежи?

Уште порано од ова, во ’90-ти, децата беа поедноставни. Слакери, ликови што опуштено пушеа трева, јадеа брза храна и работеа на каса. Ги гледавме по филмови како Reality Bites, и таму Винона Рајдер се одлучува за Итан Хок, музичар во заблуда, наспроти телевизискиот продуцент на Бен Стилер и ова ни е претставено како вистинскиот избор. Тогаш никој не се трудеше да си го монетизира животот, или да соработува со брендови. „Да се шитнеш” беше - глупо.

Чекајте да објасниме што е слакер, всушност:

slacker
-a young person (especially in the 1990s) of a subculture characterized by apathy and aimlessness.

Поточно, млад човек, (особено во ’90-ти), кој е дел од суб-култура која главно се карактеризира со апатија и бесцелност.

Ви текнува на ова? На сите овие ликови? На сите филмови?

Инфлуенсерот е апотеоза на онаа денешна борба за успех, на модерниот сет на вредности донесени до една гротескна екстрем: ништо не е свето, уметноста е заменета од содржина и сè е на продажба. Дури и некакви еколошки-освестени инфлуенсери немаат никаков проблем да се качуваат на долги летови подарени од брендовите што ги финансираат. Јога-гуруа со анти-конзумеристички настроена публика промовираат чаеви од брендови што ги поседува Унилевер.

Но, секогаш има нешто важно за извлекување од доминантната младинска култура на една ера. Она што се сметало за „кул”, или „све што воле млади”, ни кажува нешто суштинско за она што сме го вреднувале. И низ таа призма, има голема разлика меѓу денешните амбициозни деца и бунтовните, мрзливи деца од ’90-ти. А на овој пазар на амбиции, каде што лажни инфлуенсери објавуваат божем спонзорирани содржини врзани со брендови што сигурно не им платиле, се појавуваат знаци дека индивидуалистичката култура на достигнувања и врски со брендови станува сосема ирелевантна. Што значи тоа? Дека на залезот на оваа култура, можеби е повторно време слакерот да се качи на сцена. Така мрзлив и бунтовен, а лабав.

За интернет инфлуенсер, од буквално сè, од отворање очи и дочекување на изгрејсонце, до клизма со кафе (најозбилно, бе) може да се заработат пари. Заеби ти градење кариера, заеби работење воопшто - животот е работа, а да те плаќаат за да живееш фино е врвното достигнување. Ова совршено се објаснува во книгата на Вил Стор, излезена во 2017-та, со наслов: „Селфи: Како западот стана опседнат со себе” и таму објаснува каква е дефиницијата за личност во времето во кое живееме: екстровертна, слаба, прекрасна, индивидуалист, оптимист, вредна, општествено освестена, но сепак самоуверена, со жар за претприемништво и камера за селфи. Иако миленијалците кои најчесто се поврзани со овој архетип - ги караат за нивното уверување дека сè им следува и дека не им се работи типична работа, постојат многу причини што токму тие го прифаќаат овој идеал.

Неолибералниот сензибилитет - кој ја истакнува важноста на пазарот наспроти интервенцијата на државата, а го типизира ставот дека порастот на глобализацијата како плима ќе ги крене сите бродови - го крена и она што денес знаеме да го наречеме миленијалско прегорување. Терминот millennial burnout, го склопува Ен Хелен Питерсен во нејзината значајна статија за Базфид - идејата дека оптимизирањето на себеси во нашава дигитална ера си зема данок и нè остава делумно или целосно оштетени. Во текстот, расправа дека сме опседнати со себеоптимизација затоа што - такви во финансиски кризи, во долгови, со слаба надеж за пензија - мораме да бидеме:

„Не можеме едноставно да се појавиме со диплома и да очекуваме да добиеме и да задржиме работа што би ни овозможила да се пензионираме на 55. Како промена од претходните генерации, миленијалците мораат да се оптимизираат себеси да бидат најдоброто на пазарот.”

Резултатот е економија каде што многу можно да бидеш сам свој шеф, но многу помалку можно да имаш сопствен дом. И каде што е буквално незамисливо дека некогаш ќе можеш да престанеш да работиш - без разлика дали се работи за крајот на работниот ден, или крајот на работниот век.

Само ова како информација е доволно да ти се слоши, да повратиш и да признаеш пораз - а одеднаш и да оставиш простор за враќање на оној слакер од ’90-ти што очигледно нешто повеќе знаел од тебе.

Шиткањето” не само што е сосема во ред во инфлуенсерската економија - туку ја дефинира. Инфлуенсерите генерално немаат ни вештина ни дисциплина да бидат лојални од старт и по дефиниција приходот им доаѓа од продавање верзија од себеси. Фразата „славен затоа што е славен”, што порано се користеше како навреда за старлети - сега е нова категорија на глобална трговија што ни ја донесе најмладата милијардерка што САМА ГИ ЗАРАБОТИЛА своите милијарди - Кајли Џенер. Also sprach Форбс, озбилно.

Но, какви докази имаме дека слакерите се враќаат? Многу работи се пишаа за ставот што Генерацијата З го има кон интернетот - далеку пософистициран, сомничав, со интерес кон содржини што исчезнуваат, наместо за трајни содржини кои воспоставуваат комерцијално вреден идентитет. Затоа и во моментов сè повеќе владеат Инстарам stories наспроти Инстаграм објави и затоа и опаѓа интрресот за „Инстаграм - естетика”. Луѓето што не знаеја што е живот пред социјалните мрежи, веќе се дистанцираат од идејата да бидат директно под влијание на корпоративните интереси онлајн, а на длабока жалост на инфлуенсерите, Инстаграм размислува за елиминирање на лајковите.

Модата, која како и младинската култура се однесува како клатно, исто така ја рефлектира оваа промена, не само со тоа што го враќа гранџот, туку и со новите трендови како нормкор, плус враќањето на широките силуети за панталони (чао, скини фармерки НЕМА да ни недостасувате). Сè повеќе потсетува на опуштените ’90-ти.

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

#ReduxGrunge for @NYMag 🖤 Photographed by @Daniel_W_King Styled by @JaimeKayWaxman

A post shared by Marc Jacobs (@marcjacobs) on

Плус, никогаш не сме биле поскептични во однос на платформите на социјалните мрежи кои тивко, но моќно ја оформија инфлуенсерската култура. Едно време ни беа фино место за објавување спомени и контакти со фамилија и пријатели. Сега ни е јасно дека се движечка сила зад општествените, економските и политичките промени.

Не треба да одиме подалеку од колективниот сеир што го предизвика Fyre Festival, за да ни стане јасно колку едвај се чека доказ дека инфлуенсерската култура е фалична. Слично го јадеше и Силиконската долина, од каде што пред неколку години се сметаше дека излегуваат богови, па Елизабет Холмс им го закопа митот.

Сепак, можно ли е во денешно време да се биде слакер, воопшто?

Неолибералните економски услови кои го помогнаа инфлуенсерот, го отежнаа нормалното среднокласно искуство. Дури и ако целите ви се скромни и слакерски - работа платена на час, покрив над глава, брза храна и телевизија - многу е потешко да се постигне тоа во денешно време. Во времето на Reality Bites, беа попривилегирани во овој поглед, и можеа да си дозволат да имаат слаба заработувачка. Во моментов, невозможно е да живееш урбано со многу малку пари.

Стор вели, „Денешната култура сака да нè убеди во идејата дека личноста е отворена, есенција на слободна и чиста можност… Ова нè заведува да ја прифатиме културолошката лага дека можеме да оствариме сè што ќе намислиме да оствариме. Ваквата лажна идеја е неверојатно важна за нашата неолиберална економија.”

Денес, доказите дека тоа е мит се насекаде. Ги гледаме во популистичките идеи што ги донесоа Доналд Трамп и Брегзит, и фактот што еден од највидливите членови на американскиот конгрес, Александра Окасио Кортез се идентификува како „демократски социјалист”, што како термин беше незамислив пред пет години во Америка. Идејата за социјализмот како алтернатива на индивидуалистичкиот капитализам се прифаќа и од младинските движења ширум светот.

Но, дури и да не биде така на економско ниво, оживувањето на слакерската култура може да почне - како и многу други - како стилистичко движење. За да одмориме сите конечно - едноставно нека престане да биде јако - толку многу да се трудиш.

Одмараме од болно амбициозен труд. А богами, одмараме и од болно амбициозниот труд на сите што милуваат да ги прераскажуваат своите амбиции секое седнување на пијачка.

6 мај 2019 - 14:10