
Луѓето со стабилна самодоверба не мора да бидат најгласните во просторијата. Напротив, често ги препознаваме по неколку прилично едноставни навики.
1. Знаат да признаат грешка
За човек што сопствената вредност ја врзува за тоа секогаш да биде во право, признавањето грешка може да изгледа како пораз. Самоуверените луѓе полесно прифаќаат дека можат да згрешат, бидејќи една погрешна проценка не ја доведува во прашање нивната целокупна слика за себе. Освен што гради доверба, оваа способност им овозможува и да научат нешто ново.
2. Искрено се радуваат на туѓиот успех
Туѓото унапредување, среќна врска или професионално признание не мора да бидат потсетник на она што нам ни недостига. Луѓето со здрава самодоверба полесно ја прават оваа разлика - да, можат да почувствуваат разочарување поради сопствените неуспеси, а сепак да бидат искрено среќни за некој друг. За нив, туѓиот успех не претставува автоматско намалување на сопствената вредност.
3. Поставуваат граници без постојано чувство на вина
Да се каже „не“ понекогаш значи да разочараш некого. Самоуверените луѓе го прифаќаат тоа како неизбежен дел од меѓучовечките односи и знаат дека нивното време, удобност и личен простор заслужуваат почит, исто како и туѓите. Притоа, границите не ги користат како средство за казнување или контролирање, туку како начин односите да останат здрави.
4. Не се плашат да поставуваат прашања
Во средина во која знаењето често се користи како доказ за интелигенција и статус, да кажеш „не знам“ е скоро па револуција. Луѓето со стабилна самодоверба немаат потреба да глумат упатеност во сè. Љубопитноста им е поважна од впечатокот што ќе го остават, а поставувањето прашања го доживуваат како можност за учење.
5. Знаат да примат комплимент
Некои луѓе на секоја пофалба одговараат со објаснување зошто всушност не ја заслужуваат. Ви звучи познато „Ма, ништо посебно“, „имав среќа“? Луѓе со самодоверба можат едноставно да кажат фала и не чувствуваат потреба да ја оспорат секоја позитивна проценка за себе за да изгледаат скромно.
6. Не го мерат постојано својот живот според туѓиот
Современата култура нуди речиси бесконечни можности за споредување: кариера, изглед, приходи, патувања, семејство - секогаш постои некој што изгледа како да стигнал подалеку. Луѓето со поголема самодоверба не се имуни на споредбите, но поретко им дозволуваат да станат главно мерило за нивниот живот и разбираат дека различните околности создаваат различни животни патеки.
7. Не чувствуваат потреба да ја оправдуваат секоја одлука
Постои разлика меѓу разумно објаснување и бескрајно оправдување пред луѓе што не се согласуваат со нас. Самоуверените луѓе знаат дека не секоја нивна одлука ќе добие одобрување и подготвени се да разговараат и да ги сослушаат другите, без да чувствуваат обврска секого да го убедат дека нивниот избор е правилен.
8. Можат да прифатат критика без да се распаднат
Критиката ретко е пријатна, особено кога се однесува на нешто во кое сме вложиле многу труд, но стабилната самодоверба овозможува да се направи разлика меѓу корисна забелешка и обична навреда. Самоуверените луѓе можат да размислат за туѓото мислење, да го прифатат она што има смисла и да го отфрлат останатото, без секоја критика да ја доживуваат како пресуда за сопствената вредност.
Можеби најинтересното кај луѓето со ваква самодоверба е што немаат потреба постојано да ја докажуваат. Можат да бидат несигурни во одредена ситуација, да се засрамат, да се разочараат или да побараат помош, но нивната сигурност произлегува од сознанието дека ниту едно од тие искуства не ги прави помалку вредни.
Тоа е истовремено и супер вест - самодовербата не е непроменлива особина што некои луѓе ја добиле при раѓање, туку може и постепено да се развива, токму преку начинот на кој се однесуваме кон сопствените грешки, успеси, ограничувања и несовршености.