Можно е да сме на прагот на вртење на онаа „холивудска разлика во години“ наопаку. Долго гледавме како Ричард Гир и Џек Николсон играат во романтични филмови со жени многу помлади од нив, а сега добиваме нова варијанта, каде што 62-годишната Ема Томпсон ќе глуми нешто љубовно со 29-годишниот Дерил Мекормак.
Филмот се вика Good Luck to You, Leo Grande, а на Томпсон веројатно ќе ѝ олесни, зато што пред некое време се пожали дека ако треба пак да игра романтична улога со некого, „ќе треба да го откопаат.“
Фино е да се види оваа обратна комбинација, ама дали и таа досега беше до толку проблем?
Лора Дерн и Сем Нил на пример, така мислат. Сега ќе им излезе Jurassic World Dominion, па во разговор на таа тема, се потсетија на оригиналниот филм од 1993, каде што Нил има 42, а Дерн 23. Дерн кажува дека уште од тогаш развила „свест за патријархатот“ и дека и двајцата сега сфаќаат дека разликата во години била „тотално несоодветна“.
Конкретно изјавата на Нил, дека Дерн била на „нежна, 23-годишна возраст“ е доста занимлива, бидејќи на 23, Дерн е едноставно полнолетна, возрасна личност. Не само тоа, туку глуми од свои шест години и веќе има два успешни филма на Дејвид Линч зад себе.
Зошто тогаш и двајцата велат дека на 23, Дерн била премлада за да биде во врска, макар и само на филм, со постар маж? Дали сакаат да кажат дека тоа ја става на некаков ризик? Не личи така. Ниеден од нив немал лошо искуство од соработката, а доказ за тоа е што и двајцата работат на најновиот филм заедно. Зошто тогаш таа потреба да се налага дека имало нешто злокобно во нивната филмска врска пред 30 години?
Ова е совршен пример за #MeToo логика. Денес пречесто сме охрабрувани да реинтерпретираме совршено наивни минати искуства во контекст на сексуална злоупотреба и „свест за патријархатот“. Ни Лора Дерн, ни Сем Нил не најдоа момент да кажат дека иако 23-годишна жена е многу помлада од 42-годишен маж, сепак е возрасна. Ретроспективната идеја дека Дерн некако била искористувана или ставана во опасност само затоа што била помлада од партнерот е луда.
Инфантилизирањето на жените е една од најлошите последици на #MeToo-паниката. Сè повеќе нè тераат да гледаме на себе како на деца на кои секогаш им е потребна помош, дури и кога сме возрасни. Баш оваа логика ги охрабрува наводните феминисти да бараат закони против расвиркани мајстори на скеле, или политики на работа што ги штитат жените од сексистички коментари.
Ако ние жените сакаме да бидеме сфатени сериозно, тогаш мора да оддолееме на нагонот да бидеме жртви во секоја дадена можност. Наместо историјата и културата да ги гледаме како една долга приказна на виктимизација и злоупотреба, младите жени денес треба да се инспирираат од победите и достигнувањата на жените кои живееле и работеле во време кога било тешко да се биде жена во машки свет.
Ако почнеме да прифаќаме дека жените во свои дваесетти се сè уште премногу ранливи за да се соочат со светот без заштита, поарно да се откажеме и од идејата за женската слобода.