Во едно истражување изведено во Лондон, од страна на козметичкиот хирург д-р Џулијан Де Силва (што го спомнавме во текстот „Иста си ко мајка ти”), сега просечната возраст кога луѓето посегнуваат по пластична операција е 37 кај жени и 43 кај мажи, што статистички е пад за 2 години. А според Американската асоцијација на пластични хирурзи, 66,437 козметички хируршки процедури се направени кај луѓе меѓу 13 и 19-годишна возраст во 2016-та.
За сето ова дежурен виновник се социјалните мрежи.
„Мислам дека социјалните мрежи ме направија посвесен за стандардите за убавина и ме натераа да се сомневам во себе”, изјавува 20-годишен дечко, Алекс за Dazed Digital. „Лесно е да помислиш дека некој изгледа подобро од тебе, и некако се вовлекуваш во еден магичен круг каде што нонстоп се споредуваш со други на Инстаграм.”
Друг доктор, Норман Роу од Њујорк вели дека популацијата под 25-годишна возраст придонесува со 15%, а најмладиот пациент на кој оперирал имал 15 години и барал ринопластика. Најпопуларните операции се зголемување на гради, липосукција и ринопластика, а пациентите му се најчесто женски. И Роу смета дека социјалните мрежи се причина за порастот на млади што сакаат операција. „Популарноста на славните личности, социјалните мрежи и многубројните фотографии што ги правиме од себе, гледајќи се себеси на нашите телефони нè водат кон желба да промениме неки работи. Младите пациенти секогаш доаѓаат со Инстаграм профил на ѕвезди на кои сакаат да личат.”
„Тешко им е на луѓето да проценат што е реалистично, а што не е,” вели Нора Наџент, член на советот на Британската асоцијација на естетски хирурзи. „Социјалните мрежи постепено ја менуваат перцепцијата за она што е нормално, затоа што нормалното е сега сјајно, фотошопирано и прекрасно. А кога ќе ги сретнеш луѓето во реалноста, ни животот ни изгледот не им е баш таков.”
Иако не постои „вистинска, правилна” возраст за пластични операции, општата согласност е дека луѓето би требало да почекаат до нивните средни 20-ти. Д-р Роу вели дека потенцијалните пациенти треба да почекаат додека не „созреат емотивно за да разберат што бараат и зошто го бараат тоа.” Ја објаснува важноста на чекањето лицето сосема да ти се оформи пред да побараш операција - а ова се случува на околу 15-16-годишна возраст кај женско и 18 кај машко.
„Ова се најнеповратните козметички процедури,” додава Наџент. „Морате да имате многу добра причина за да ги направите на некој што технички се смета за дете, или малолетник. Не се работи за бенигни процедури, носат ризици и компликации… Делови од телото сè уште се развиваат до 18-годишна возраст, па дури и до рани 20-ти. Ако почнете хируршки да менувате работи додека сте премногу млади, постои опасност да се направи поголема штета.”
Иако социјалните мрежи можат да се искористат за споделување на позитивна свест за изгледот, предизвикуваат и несигурност. Должност на социјалните мрежи и платформите на нив е да преземат одговорност кон нивните корисници, особено најранливите. Иако пластичната хирургија е избор, и тоа избор кој може да донесе многу позитивен исход, младите луѓе треба внимателно да размислат за нивната одлука, со тоа што ќе остават време да разберат зошто точно им е потребна. Истовремено, истото треба да го направат и хирурзите, пред да прифатат млади пациенти. Постојат легитимни причини кои влијаат на желбата на еден млад човек да посака пластична операција, но кога коренот на таа желба е да се изгледа еднакво добро како и луѓето што ги гледаме онлајн, ги преминуваме границите на реалноста и тоа на неповратен и штетен начин.