Иста си ко мајка ти

Едно истражување покажува дека сите жени почнуваат да личат на мајките после 33-тата година од животот.

Оскар Вајлд ќе рече: „Сите жени стануваат како нивните мајки. Тоа е нивната трагедија. И ниеден маж така, и тоа е машката трагедија.”

Истражување спроведено од влијателен пластичен хирург од Велика Британија, д-р Џулијан Де Силва, открива дека жените почнуваат да се претвораат во нивните мајки на околу 33-годишна возраст.

Прво го истражиле факторот на просечната возраст на која жените го раѓаат првото дете. Во моментов, просекот е 30 години. Од таму, Де Силва собира 2000 учесници и ги прашува прашања околу основањето на семејството, за нивните родители и односот што го имаат со нив. Деталното испрашување му помага на докторот да открие дека, како што кажуваат, повеќето жени престанале да се бунтуваат против мајките околу 33-тата година, а други учесници признале дека почнале и да се однесуваат како мајките на таа возраст.

Тој оваа промена во однесување ја врзува со раѓањето и моментот кога новите мајки почнуваат да го копираат стилот на нивните мајки, или едноставно се потпираат на советот од мајките кога мајките ќе станат баби.

Се разбира, ова не е стриктно резервирано за жени - кај мажите се случува нешто слично, бидејќи многу од нив се претвораат во татковците.

Во истото истражување, д-р Де Силва открива дека, во просек, мажите за прв пат стануваат татковци од прилика на слична возраст, и како и жените, почнуваат да се однесуваат како нивните татковци при односот со нивното дете. Ваквиот наод може да предизвика комплексни емоции затоа што не сите имаат совршен однос со родителите, но е очигледно нешто што треба да се прифати.

„Сите стануваме како нашите родители во одреден момент во животот - и тоа е нешто што треба да се слави. Станувањето родител е главниот тригер за тоа, а и повеќе животни фактори се исто така важни,” објаснува д-р Де Силва.

Е сега, многумина нема да сакаат да признаат дека на крајот ќе станат како нивните родители, но сепак истражувањето покрива моменти кои ни се многу познати. Не може да се избега од нивното влијание без разлика колку ќе се потруди човек, особено додека е млад.

Кога на тоа ќе додадеш дека и често е неизбежно и физички да се претвориш во родителот, поарно да се спремиме со време. Или ако дошло времето, да се погледнеме во огледало и да речеме - добро, мамо.

27 март 2019 - 12:24